Изложба организирана од музејот Фаундлинг во Лондон следи пет векови портретирање на бременоста, или како што вели нејзината кураторка Карен Хирн, „нешто што го искусува 50% од општеството а за кое останатите 50% немаат многу појма“.
Таа размислувала за оваа тема повеќе од 20 години, и иако на почетокот амбициите ѝ биле поголеми, во моментов поставката се фокусира главно на британски дела, почнувајќи од 17 век. Причината зошто токму тогаш оваа тема станува популарна е веројатно во тоа што Британија по 1558, кога на тронот доаѓа Елизабета I, станува протестантска земја. А според тогашните ставови на црквата состојбата на бременост за жената е света и е попосакувана дури и од девственоста, koja до тогаш се сметала за приоритетна за католичката црква.
Тоа било и време кога во јавноста почнало повеќе да се зборува за родилките кои умирале при породувањето, и за фактот дека жена која била во понапреден стадиум на бременост истовремено била потенцијално била поблиску до смртта. Во 1622 жена по име Елизабет Џослин му напишала писмо на нејзиното неродено дете, за секој случај, доколку не го преживее породувањето. За жал, така и се случило - Џослин умрела, најверојатно од инфекција. Пријател на семејството го пронашол писмото, го објавил и тоа станало бестселер. Сега и тоа е содржано во изложбата, а читањето на неговата содржина „ја ежи кожата“.
Таа содржи и модни артефакти поврзани со бременоста, на пример корсети носени во 17 век кои имале додаток „стомакер“, флексибилен дел кој се ширел како што прогресирала бременоста. Се ставал под корсетот кои пак биле изработени од свила, кожа и ленти направени од коски од уста на кит.
Со одминувањето на 17 век, портретите на бремени жени стануваат поретки. На некои од нив и не е јасно дали тие се во таква состојба или не, бидејќи прават само симболички гестови (се држат за стомакот) што може да се толкува како знак за бременост. Веќе во 18 век вакви портрети целосно отсуствуваат, со оглед на тоа што сексуалната активност на жената станало табу. Еден портрет од 1772 кој го нарачал сопругот на извесна Тереза Паркер (црно-белиот портрет горе), која во тој момент била трудна, направил таа да мора да испрати писма до членовите на нејзиното семејство во кое на некој начин се извинува за „несоодветната поза“ на жена во нејзина ситуација. Но сликарот кој го направил потретот, сер Џошуа Рејнолдс, ја смирувал: дека ќе се фокусира на нејзиното лице и дека ќе го пополни остатокот од телото подоцна.
Од 18-20 век практично има „дупка“ во визуелизацијата на бременоста, барем од аспект на портрети. Дури на почетокот на 20 век се среќаваат неколкумина уметници кои ги прикажуваат нивните сопруги или партнерки како бремени, но ова се интимни слики кои не биле познати долго време откако се направени.
Како што изложбата се приближува кон современоста се фокусира на еден момент во 1991 како на културолошки пресврт во портретирањето на бременоста: сликата на трудната Деми Мур на Ани Либовиц за Венити Фер, која на времето беше крајно контроверзна. Од тогаш натаму, сликите на облечени и голи трудници веќе никого не шокираат.
Изложбата е отворена до 26 април (со можни рестрикции заради пандемијата).