При крајот на 1970-тите, истовремено додека Брајан Ино го снимал амбиенталниот албум „Музика за аеродроми“, во Белград работела група одлични музичари, предводена од клавијатуристот и класичен композитор Зденко Радета. Експерименталната група со интересно име, 37°C, вклучувала музичари од групата „Орион“ и „Опус“, при што втората е редок пример на поджанрот на прогресивниот рок - симфо прог во тогашна Југославија. Истовремено, тоа бил и првиот бенд на поп пејачката Драгана Шариќ, подоцна позната како Беби Дол.
Експерименталниот албум „Сидарта“ на оваа група е снимен во Лондон во 1979, но од непознати причини е издаден (на винил) дури во 2017, од српската независна дискографска куќа Диском. Содржи пет композиции кои не надминуваат 45 минути. Целата прва страна (18 минути) ја зафаќа насловната нумера, „Сидарта“, која може да се опише како амбиентален џез, инспириран (како што навестува и насловот) од ориентални мелодии, кои течат бавно но методично, за по некое време да кулминираат во слободни импровизации на сите инструменти.
На втората страна композициите имаат понагласен рок и фанк призвук, а на една од песните вокалите се на Силва Деловска, од некогашната група КИМ. Потрагата по информации за оваа пејачка нè донесе до Јутјуб видео со песна од 1983 под наслов „Опера“, со која таа и бендот настапиле на Југовизија, изборот за тогашен кандидат за Евровизија. Музиката и аранжманот на песната се на Славе Димитров, а стиховите на Васе Манчев (најверојатно писателот).
Во време кога ни изгледа дека буквално секоја информација ни е на онлајн тацна, податоците за овие луѓе и нивната музика на интернет се многу скудни. Најдобра рецензија на албумот пак е објавен на грчки прог рок сајт.
За најдобар впечаток за тоа како стоела југословенската сцена во тоа време во споредба со западната, препорачуваме преслушување на „врсниците“ - албумот на Ино и овој на 37 степени еден по друг. Споредбата можеби и не е до крај оправдана, бидејќи музиката на Ино е помедитативна и воздушеста, а втората потешка - со басови и синтисајзери, но има нешто многу блиско во амбиенталноста која ги поврзува, и која и денес некако смирува.