35 години од Лајв Ејд - најдобриот концерт на сите времиња

Некако не ни се верува дека поминале толку години. И тогаш, на 13 јули 1985, ни беше јасно дека станува збор за голем настан. Триесет и пет години подоцна, делува како нешто што никогаш повеќе нема да се повтори - 16 часа врвна музика, која преку 13 сателити и голем број ТВ приемници (во нешто што денес изгледа како „камено доба на телевизијата“) поврза скоро 2 милијарди луѓе.

Идејата за хуманитарен концерт на кој учествуваат голем број ѕвезди датира најмалку од 1971, кога Џорџ Харисон, тогаш веќе поранешен Битлс, го организираше Концертот за Бангладеш. Но во осумдесетите се случи цел бран на вакви музички настани - We Are the World, Farm Aid, Band Aid, и секако Live Aid.

За оние кои не се сеќаваат, стануваше збор за огромен, биконтинентален (Европа и САД) поп концерт чија цел беше собирање средства за гладните во Етиопија. Од денешна перспектива, мотивите и реалните хуманитарни ефекти на целата работа е по малку сомнителна. Но од музичка гледна точка, ова беше невидена собиранка. Боб Гелдоф успеал да букира повеќе од 50 најголеми имиња на музичката индустрија, меѓу кои Квин, Боуви, Елтон Џон, Дилан, У2, Мадона, и тоа со малку убедување, но и малку финти. На пример, ќе му се јавел на Елтон и ќе му кажел дека Боуви и Квин се веќе договорени, иако не биле. А потоа ќе му се јавел на Боуви дека Елтон и Квин се согласиле. Но блефирањето му се исплатело. Во 2005, 21-минутниот настап на Квин на концертот е прогласен за најголемиот рок настан во историјата, од панел експерти од музичката индустрија. 

U2. Run-DMC. Фил Колинс кој првин настапи во Лондон а потоа се качи на Конкорд за да свири во Филаделфија со Џенезис, Ерик Клептон и повторно собраните Лед Цепелин. Мадона. Мик Џегер во дует со Тина Тарнер. Елтон Џон со Џорџ Мајкл. Стара школа (Дилан, Нил Јанг, Пол Мекартни), но и тогаш млади и надежни изведувачи (Стајл Кансл, Адам Ент, Елвис Костело).

Но Лајв Ејд и тогаш имал проблем со нешто што денес го нарекуваме „диверзитет“. Еден месец пред шоуто, легендарниот концертен промотер Бил Греам изјавил дека биле контактирани „сите најзначајни црни артисти на топ листата на Билборд“. Но голем број од нив, вклучително и Мајкл Џексон, Дајана Рос и Принс, одбиле да учествуваат. Други, на пример Дион Ворвик, изјавиле дека не биле поканети. Како што датумот наближувал, така организаторите се мачеле да убедат повеќе црни изведувачи да се придружат.

И ова не е единствениот извор на контроверзи. Во 2015, на 30-годишнината од настанот, сајтот СПИН реобјави текст од 1986 под наслов „Лајв Ејд: ужасната вистина“, во кој се тврди дека храната и парите од помошта отишле кај диктаторската влада на полковникот Менгисту Хајле Мариам, човекот кој всушност бил најодговорен за страдањето на жителите на Етиопија. Наводно тој ја искористил помошта за да купи оружје од СССР и го употребил во својата борба против бунтовниците.

Како и да е, во концертна смисла Лајв Ејд постави многу висок стандард за хуманитарни музички настани. Следеа турнеи на Брус Спрингстин, Стинг и Питер Габриел низ светот како дел од турнеја на Амнести Интернешнл. Во 2007 Ал Гор иницираше Live Earth, како начин да се промовира свесноста за климатските промени. Но овие настани сепак ни од далеку не можат да се мерат со наследството на Лајв Ејд.

13 јули 2020 - 21:36