Кога вистински преживеани ќе се појават од изолација што траела со месеци, па дури и години, тие брзо стануваат јавни личности. Луѓето сакаат да знаат како издржале, што јаделе и како ја сочувале психичката сила. Еве неколку вистински приказни за луѓе кои преживеале на напуштени острови.
Александар Селкирк
Шкотланѓанецот Александар Селкирк често се смета за вистинската инспирација за „Робинзон Крусо“. Во 1704 година, тој доброволно останал на островот Мас а Тјера, крај брегот на Чиле, откако одбил да продолжи со брод што го сметал за небезбеден. Бродот навистина потонал, а Селкирк преживеал сам повеќе од четири години. Со малку алат и читање на Библијата, тој преживеал со ловење кози, изработувал облека од нивната кожа и се хранел со диви растенија. Бил спасен во 1709 година, а неговото искуство подоцна било опишувано како доказ дека скромниот живот може да донесе телесно и ментално здравје.
Фернао Лопеш
Португалскиот војник Фернао Лопеш бил оставен на островот Света Елена поради тоа што се откажал од христијанството и преминал во ислам. По сурово казнување и долг период на срам, тој сам одлучил да живее во изолација, далеку од татковината. Островот му обезбедувал изобилство од храна и свежа вода. Таму поминал околу 14 години, кратко се вратил во Португалија, но незадоволен од она што го начекал повторно се вратил на островот, каде и починал во 1545 година.
Маргерит де ла Рок
Француската благородничка Маргерит де ла Рок била напуштена на остров крај брегот на Канада во 1542 година, откако нејзиниот роднина дознал дека има љубовна врска со млад маж. Заедно со слугинката и љубовникот, била оставена на т.н. „Остров на демоните“. Таму родила дете, но со текот на времето сите тројца починале, оставајќи ја сосема сама. Таа преживеала ловејќи дивеч, сè до нејзиното спасување од рибари. Подоцна се вратила во Франција и работела како учителка.
Филип Ештон
Филип Ештон од Масачусетс бил киднапиран од пирати во 1722 година. По една година заробеништво, успеал да избега на остров крај Хондурас, но без храна и опрема. Преживувал јадејќи овошје и желкини јајца. Подоцна, случаен посетител му оставил нож и други основни алатки. По 16 месеци глад, болести и страв, бил спасен во 1724 година. Своето спасување го опишал како момент на чиста екстаза.
Ада Блекџек
За разлика од тропските приказни, Ада Блекџек преживеала две години на леденото острово Врангел, над Арктичкиот круг. Во 1921 година заминала како шивачка на експедиција која завршила катастрофално. По смртта на сите членови, таа останала сама, бранејќи се од поларни мечки и ловејќи за да преживее. Спасена била во 1923 година. Иако медиумите ја славеле како „женски Робинзон Крусо“, таа избегнувала јавност и се посветила на лекувањето на својот син. (за неа подетално пишувавме тука)
Шесте момчиња од Тонга
Во 1965 година, шест тинејџери од Тонга побегнале од интернат, но по бура завршиле на напуштениот остров ’Ата. Наместо хаос, тие воспоставиле ред: делеле задачи, се молеле, одгледувале банани и се грижеле еден за друг. По 15 месеци, биле спасени од австралиски рибар. Нивната приказна често се споредува со „Господарот на мувите“, но со спротивен исход – солидарност наместо насилство (и за нив претходно види тука).
Џозеф Рејнџел
Во 2000 година, Џозеф Рејнџел и двајца пријатели биле заглавени на остров во Калифорнискиот Залив поради лоши временски услови. Храната била ограничена, а еден од нив починал од дехидрација. Двајцата преживеани биле спасени по 11 дена. Рејнџел подоцна јавно критикувал дека трагедијата можела да се избегне со основна безбедносна опрема.
Види и „Секс, убиства, утопија: како завршил обидот на петмина Европејци да живеат на пуст остров“