Секс, убиства, утопија: како завршил обидот на петмина Европејци да живеат на пуст остров

На почетокот на 1930-тите, група Европејци, главно составена од Германци, одлучиле да остават сè зад себе и да се преселат на изолиран остров. Што може да тргне наопаку помеѓу два пара и авантуристички настроена тројка? Наскоро за нив пишувале светските медиуми.

Флореана во 1930-тите бил ненаселен остров во Галапагос, близу брегот на Еквадор. Петмина Европејци решиле тука да го бараат својот личен рај. Мотивите им биле различни, но главно биле незадоволни од начинот на кој се развивала западната цивилизација и барале поедноставен и послободен живот. 

Во својата утопистичка потрага први биле германскиот лекар Фридрих Ритер, oбожавател на Ниче и неговата некогашна пациентка која му станала партнерка, Доре Штраух, кои се преселиле на островот уште во 1929. За да превенира проблеми со забите (кои веројатно претходно ги имал), Ритер ги отстранил сите, заменувајќи ги со челични вилици. 

Медиумите ги нарекле „Адам и Ева“, а за нив дознале преку писмата кои Ритер ги праќал дома и приказните на посетителите на островот, кои вклучувале богати американски истражувачи-зоолози. 

Во меѓувреме, ветеранот од Првата светска војна, Хајнц Витмер, кој работел за канцеларијата на градоначалникот на Келн, Конрад Аденауер, бил загрижен за здравјето на својот син-тинејџер Хари, како и за состојбата на германската економија среде глобалната депресија. Инспириран од своите германски сограѓани, тој ја убедил својата нова сопруга, Маргрет, да се преселат на Флореана во 1932. Маргарет тргнала на пат бремена, и таму го родила нивниот син Ролф, прв кој се родил на овој остров. 

На крај пристигнало трио кое уште повеќе ги комплицирало нештата - баронесата родена во Австрија, Антонија Вангер фон Верборн Боске и нејзините двајца германски љубовници, Рудолф Лоренц и Роберт Филипсон. Таа тука сакала да изгради луксузен хотел наречен „Хациенда Парадизо“ за богати патници. Покрај тоа што ги узурпирала ретките извори на слатка вода на островот, таа трупала пошта и храна која била наменета за другите, па дури и се прогласила за „царица на Флореана“.

Со ова започнал период на сомнежи, обвинувања и тепачки. Накратко - далеку од посакуваната мирна утопија. Наскоро почнале да се случуваат необјаснети смртни случаи. Ритер, кој наводно бил вегетаријанец, умрел откако изел заразена кокошка која му ја принела неговата љубовница (која физички го малтретирала). Баронесата и Филипсон, кои планирале да се преселат на Тахити откако планот со хотелот не им успеал, исчезнале без трага. Телото на Лоренц било пронајдено на сосема друго острово, и се верува дека умрел од жед бидејќи таму немало слатка вода. Останале само Витмерови, а нивните потомци денес раководат со хотел на Флореана. 

И покрај тоа што од првото доселување има поминато многу време, приказната за овие луѓе и денес предизвикува интерес. Овој септември се очекува книга од Карен Абот, „Откажаниот рај: вистинска приказна за секс, убиства и утопија во мугрите на Втората светска војна“, а славниот Рон Хауард ќе режира филм чија премиера се очекува на почетокот на овој месец на фестивалот во Торонто (главните улоги се на Џуд Ло, Ванеса Кирби и Ана де Армас). Книгата и филмот се потпираат на архивски материјали, вклучително мемоари, дневници и писма. 

извор

2 септември 2024 - 18:19