Ада Делутук, подоцна Блекџек, се родила во 1898, 60 години пред Аљаска да стане 49-тата американска држава, и пораснала во домородна инуитска населба во место наречено Спрус крик. Кога наполнила осум години татко ѝ починал, а Ада била испратена во методистичко училиште, каде научила англиски, доволно да го чита Светото писмо, како и да чисти (туѓи) куќи и да готви.
На 16 години се омажила со Џек Блекџек, но по шест години и три деца, од кое само едно преживеало, бракот се распаднал. Џек ја напуштил Ада, а таа и нејзиниот 5-годишен син, Бенет, пешачеле повеќе од 60 километри до куќата на мајка ѝ. Бенет имал кревко здравје и имал потреба од постојана медицинска грижа, па Ада го однела во сиропиталиште, истовремено обидувајќи се да заработи за живот со шиење за трагачите по злато кои биле единствените со пари во насилниот град на Аљаска, Ном.
Тогаш прв пат слушнала за островот Вренгел, точка во Арктичкиот океан, северно од Сибир. Во тоа време се сметало дека тоа е единственото место на земјата каде се уште живеел „волнестиот“ мамут. Била планирана експедиција, а организаторите барале некој од домородното население да готви и да се грижи за екипата. Во 1913, еден исландско-канадски истражувач по име Вилхјалмур Стефансон почнал таква експедиција, но неговиот брод бил смачкан од мраз а групата морала да пешачи преку островот пред да биде спасена. Половината од нив исчезнале.
Еден од оние кои преживеале бил Американецот Фред Мауер, кој повторно со Стефансон, во 1921 организирале втора експедиција за да видат дали островот може да биде преземен од Британската круна, како стратешки значајна локација за слетување на авиони и профитабилно за ловење моржови и обезбедување крзно. На Мауер му се придружиле уште двајца Американци и еден Канаѓанец. Тие ја ангажирале Ада, која на долгиот пат пошла носејќи ја со себе сивата мачка Вик, според која бил наречен и нивниот брод, „Викторија“.
Никој од групата, вклучително и Ада која била висока едвај 152 сантиметри, не биле обучени за преживување во дивина. Кога стигнале на островот направиле „куќа“ од дрво и снежни блокови а мажите ги минувале деновите пешачејќи и собирајќи научни податоци. По неколку недели однесувањето на Ада станало необично - одбивала да работи и била убедена дека нејзините содружници сакаат да ја убијат. Повремено бегала па ја барале, или се обидувала да ги следи мажите на нивните експедиции. Обата симптома се познати како „Арктичка хистерија“.
Поминале повеќе месеци, а бродот со свежи намирници и колонисти никогаш не се појавил. Стефансон од дома се обидувал да собере пари и да испрати помош, но кога конечно го сторил тоа, бродот „Теди Бер“ морал да се врати поради лошо време, пропуштајќи ја сезоната кога островот бил достапен. На почетокот на 1923 ситуацијата во кампот била напната. Двајца од истражувачите се обиделе да го поминат островот со санка но морале да се вратат. Во јануари Ада и еден од нив, Американецот Ерол Лорн Најт, кој имал скорбут, биле оставени во кампот а останатите тројца повторно се обиделе, но тоа било нивното последно патување - никој не ги видел потоа. Грижејќи се за болниот истражувач, Ада се научила самата да користи пушка и да поставува стапици. Експериментирала и со правење чамец од животински кожи. И покрај грижата која му ја пружала, Најт починал.
Во периодот кој следел Ада оставала белешки на старата машина за пишување Корона, забележувајќи ги своите активности во случај да почине пред групата да се врати. „Одам на другата страна за да ловам патки“, вели една од нив. „Му благодарам на Бога што сум жива“, вели друга. Научила да убива фоки, користејќи ја нивната кожа за обувки, а направила и некој вид заштита над креветот во случај да дојдат поларни мечки.
На 19 август, речиси две години по пристигнувањето на бродот Викторија, помошта стигнала. Стефансон конечно ги собрал средствата и го испратил бродот „Доналдсон“. Но неговиот екипаж наместо очекуваните петмина, на островот ја затекнал само Ада.
Назад во Ном, семејствата на починатите барале истрага за нивните судбини, а Ада станала славна личност, која медиумите ја прикажувале како херој рамен на Робинзон Крусо. Но како што обично бива, набргу приказната се свртила и тие почнале да ја обвинуваат за смртта на Најт, иако неговото семејство ја бранело. Ада се преселила на Алеутските острови, каде живеела до своите доцни 80-ти години. Еден месец по нејзината смрт државата Аљаска ја наградила за „храброст и херојски дела“. Што се однесува до островот Вренгел, две години по неуспешната експедиција, владите на Британија и Канада изјавиле дека немаат никаков интерес за оваа територија.