10 романи кои се случуваат во само еден ден

Се викаат „циркадни“ романи, затоа што нивното дејство се одвива во тек на 24 часа. Некои се славни и познати, други звучат вредни за откривање.

Улис од Џејмс Џојс

Најочигледниот претставник на листата, ова е роман во кој согласно означеното време можете да знаете каде сте и кој лик го следите. Ако е 11 наутро сте со Стивен Дедалус, бојата е зелена а техниката монолог. Ако е 10 навечер, во болница сте со Леополд Блум, бојата е бела а техниката „ембрионски развој“. Ова е книгата број еден помеѓу циркадните романи, но секако тоа не е нејзината главна доблест.

„Мезанин“ од Николсон Бејкер

Приказната е зипувана во тек на една единствена пауза за ручек. Се следи внатрешниот живот на младиот канцелариски работни Хоуви (можеби референца на не-канцеларискиот работник Боуви?). Помеѓу напади на „ескалаторна среќа“ со оглед на напредокот на работното место, тој размислува за чудесата на перфорираната хартија, коцките мраз, Марко Аурелие и други микро-нешта.

„Зграпчи го денот“ од Сол Белоу

Томи Вилхелм е промашен актер со жена и деца кои треба да се издржуваат. Неговата „генијална“ идеја е да ги инвестира своите последни 700 долари во маст. Негов бизнис советник е матен психијатар, доктор Тамкин, кој си ја вежба својата откачена психоаналитичка теорија врз него. Ова е уште една од многуте грешки во животот на сиротиот Томи, кој како Сизиф е проколнат да ги повторува своите грешки.

„Госпоѓа Деловеј“ од Вирџинија Вулф

Госпоѓа Деловеј организира забава; таа започнува во текот на денот и завршува една ноќ во јуни. Притоа следиме мешавина помеѓу мисли и настани од минатото, сегашноста и иднината. Посебно се впечатливи сцените на Лондон од птичја перспектива. Вулф и тука, како и во „Бранови“ и „Орландо“, се пројавува како прозна мајсторица.

„Под вулканот“ од Малком Лоури

И да не сте ја читале, можеби сте го гледале филмот на Џон Хјустон од 1984 со Алберт Фини во главната улога. Активен вулкан во Мексико се заканува да збрише сè под себе, додека Џефри Фирмин, излитен конзул во оваа земја, умира од алкохолизам. Уште од самиот почеток на текстот знаеме дека ова нема да заврши добро. Сигурно не случајно, Лоури одбрал ова модернистичко ремек-дело да се одвива на Денот на мртвите.

„Самец“ од Кристофер Ишервуд

Обратно од спомнатиот Фирмин, Џорџ, главниот лик во книгата на Ишервуд од 1964, е возрасен професор по книжевност од Калифорнија, кој презема сè што е во негова можност да го сопре својот физички распад. Следиме негова дневна рутина која вклучува вежбање во сала покрај младите момци и жалење поради смртта на неговиот сакан. Искрените описи на хомосексуалната желба го прават ова дело значајно за геј движењето од 1960-тите.

„Божикна приказна“ од Чарлс Дикенс

Напишана во 1843, книгата е се уште популарна, и иако делува како бајка всушност содржи моќна критика на социјалниот систем. Кога би можел Дикенс да биде тука денес, и да напише еднакво моќно дело во време на експлозија на потребите од народни кујни.

„Дали андроидите сонуваат за електрични овци?“ од Филип К Дик

Од духови до андроиди. „Никој не пензионирал шест Нексус-6 типови во период од 24 часа, и никој нема да го повтори тоа“, вели при крајот на книгата Рик Декард, главниот лик во оваа научно-фантастична класика. Неговата награда на крајот на неверојатно долгиот ден? Желка. Ова е идната Земја каде реалните животни се статусни симболи. За жал и таа на крај излегува дека е робот.

„Еден ден во животот на Иван Денисович“ од Александар Солженицин

Прозата е „ретка“ како и храната во овој краток роман, кој најавува дека ќе раскаже за само еден ден уште во насловот. Во времето кога е објавен, 1962 во Советска Русија, предизвикал скандал. Од моментот кога ќе се разбуди до ноќта го следиме Иван Денисович Шуков, С 854, како се обидува да преживее во сталинистичкиот гулаг. И покрај сè, тој успева да задрши одредена мерка на интегритет.

„Пинчер Мартин“ од Вилијам Голдинг

По бродолом еден морнар е насукан на карпа во Атлантскиот океан. Гладен е, дехидриран, мисли дека рацете му се клешти од рак. Не е сосема очигледно дека дејството се одвива во тек на еден ден, поради халуцинациите на Мартин, а има и теорија дека протагонистот всушност умира на почетните страници и дека остатокот е неговиот задгробен живот.

извор

11 јуни 2021 - 11:50