За агонијата наречена

Тие мигранти, а сите ние луѓе

Мигранти мои, сите ве сакам и ви посакувам мирен живот каков што заслужувате. И вие, и вашите дечиња со црни очи, поцрни од вашата раселена судбина.

Сељам алекум. Алекум сељам

Денови седум и повеќе се нанижаа како во кумановската џамија сопираме крв од асфалтни рани зададени. Како храниме усти гладни, поиме души дехидрирани, лечиме коски од маратонско возење точаци, полниме љубов во ранците искинати.

Нивно беше само да дојдат. Само да успеат да се довлечкаат до Куманово некако.

Големиот транспорт - маки танталови. Маки живи да се изоди од југот македонски, да се стигне до северно Куманово, со надеж дека нема да бидат убиени или ограбени. Тепани и навредувани. Плукани. Жигосувани. А рампата поради неправедни закони спуштена - но пасаран на Табановце.

Да, тоа се тие мигранти кои вие ги гледавте, кои ги читавте по весници, кои ги поминувавте небаре се шугави.

Тоа се тие страдалници на векот кои бегаат од пушки на ИСИС во чело вперени, оние кои бегаа од Талибани накострешени, тоа се тие од кои тече крв и гној како и од нас, замислете

Деца испаметени, стари мајки, мажи храбри, момчиња силни војсководци, жени бремени, од носење деца во прегратки - подгрбавени. Такви ни доаѓаа во Куманово. Со илјадници Мухамеди, Абдули, Несрини и Исмаиловци рака си подадовме. Сите станавме екими. Излечивме колку што знаеме. А малку знаевме од Хипократовите тајни медицински.

Нам ни беше важно да сме луѓе. Човек на човека да помогне. Каква вера, каква нација кога гледаш гној од рани отворени.

Каква поделеност, каква вера муслиманска или молитва Христова?

Чевли крвави, очи што бараа спас сретнавме, за момент над 3000 лица раселени вдомивме. Искрено зборено, се растргнавме. И ние пред нив во вечерните часови клечевме. Волонтери од сите нации - обединети.

Имавме амбуланта импровизирана, луѓе од ИВЗ бескрајно солидарни, многу невладини организации, приватни донатори, храна, сок, вода, урми,Албанци, гулаш, вруќ леб од фурна, Македонци, споени и разделени Сиријци, Авганистанци, Иранчани, Пакистанци и мешанци на ифтар заедно седнати.

Море и хиџаб врзавме, и арапски прозборевме, и глумевме дека ни е до насмевка дојдено, и за брачни состојби се расправавме, за тоа дали Сиријките се потврдоглави од нас Македонките, и на заминување, селам алекум, силно се гушкавме.

Дали стасаа на граница, сите имавме прашања по заминување на групата. А, дали детето што му дадовме парацетамол е заспано? Оваа бремената, леле, дали ќе издржи? Оној го видовте со раните отворени како плачеше пред шадрванот, чекајќи преврска?

Тоа беа нашите разговори.

Денови тешки се зад нив, се надевам. За нас мало гајле.

Ние од овој крај на Македонија, мислам дека барем малку им се најдовме на тие души напатени. На тие луѓе кои веќе од утре, нов дом некаде на Стариот континент ќе градат. Некаде каде што нема да ги буди бруталност, куршуми и умирање во име на нечии глави вжештени.

 

Мислам дека им се најдовме.

Бог има - па нека суди за стореното.

Од нив добивме илјадници благодарам на арапски, на турски, на афган дијалекти изговорени.

You, orthodoxe? Им беше првин несфатливо, некој со крст на врат закачен да помага.

Подоцна разбраа.

Тие мигранти, а сите ние луѓе.

Мигранти мои, сите ве сакам и ви посакувам мирен живот каков што заслужувате. И вие, и вашите дечиња со црни очи, поцрни од вашата раселена судбина.

Сандра

П.С.

Напишано во сеќавање на една од најтешките недели во име на волонтерство поминати.

Бог е еден, знам дека во име на хуманоста, чиста совест ќе ни подари. А и не бараме друго, ние волонтерите кои ни од полиција, ниту од закани се уплашивме. Ние кои и по болници ги водевме, и кои покривавме да не премрзнат, ние кои се одваживме во име на хуманоста. 

А нè има од цела Македонија.

Куманово мое, ти благодарам што пак и пак докажа колку си големо.