Ѓаволот носи Прада, ама не го создал Фејсбук
Еднаш многу одамна, првиот твитерџија меѓу философите, Хераклит, користејќи го правото на мал број карактери, малку напиша а многу кажа, и ни најави две - три работи: дека ем сè тече, сè се менува, ем дека 140 твитерџиски карактери се многу ако се има што да се каже. Рече: "ПАНТА РЕИ", и ни покажа дека секаде, на секое поле, работите течејќи ќе се менуваат. И за беља, историјата го поддржа и го потврди тој негов твит.
Ете така, сè тече, сè се менува ама денес не планирам да ги набројам сите течења, туку да се задржам на менувањето на начинот на пренесувањето пораки, кој течејќи како и сè друго, се менува (освен некои наши ставови).
Историски, првата кратка порака на големо растојание била „ги победивме Персијците“, а била испратена на растојание од 42.195 километри на релација Маратон - Атина, која судејќи според официјално потврдените рекорди, би требало да е пренесена за два часа и некоја минута. Првиот месинџер се викал Филипид и за жал, бил само за една употреба. Починал по соопштувањето на пораката.
Па знаејќи и за течењето и за менувањето, и за тоа дека не е баш практичен начинот на пренесување на пораки на тој начин, се пристапило кон изнаоѓање нови начини на пренесување на пораки, па навежбале гулаби да носат писма за почеток. Поради неможноста да се зачува тајноста на податоците поради вештите ловци, морало да се оди чекор понатаму. Па еве го телеграфот, па телефонот, па мејлот, СМС, ММС, па Твитерот, Фејсбукот. Ама ловци не само на гулаби, ами се појавувале и ловци на сигнали и ништо од тајните пораки не останувало до крај тајно. Така во туѓи раце и уши паѓале и писма, и телеграми, и телефонски јавувања, и СМС и ММС, и мејлови и така се губела тајноста.
И оттука прашањето, зошто заради тоа баш Фејсбук ми ти бил ѓаволска работа, како што проструи некоја информација низ медиумите и социјалните мрежи? Демек немало тајност. Не дека има де, ама тајноста на инбоксот на ФБ ја нуди истата можност за дискреција како и пораките на телефон на пример. А телефонот плус може и да се прислушува. И ако некој нема друга работа нека прислушува, и нека чита смс, и инбокс, па нека си носи грев на душа ако нешто од тоа било и исповед. Зашто, секако не е грев ако човек во зорт напише на порака фб или смс дека нешто згрешил и бара совет за тоа. Ако човек по добивањето на одговор се почувствува полесно, значи имало смисла и исповедањето на фб. Тогаш зошто сме против тоа, зошто тврдиме дека тоа било недозволиво? А на телефон може? На мејл може? Оти не ја гледам разликата?
Со векови наназад пак како црква сме обвинувани дека сме против техничко технолошкиот развој. Тоа е последица на оној мрачен средновековен период полн со инквизициски методи за борба, не само против гревот, туку и против грешникот. Ама ако се прелиста историјата ќе видиме дека тоа инквизициско движење се омеѓува на териториите на западната црква. Во православието немало спалувања на клада заради прогресивна мисла, немало бојкот на иновации, барем не официјално, бидејќи кај поединци провејувале тие идеи поткрепени од конзервативизмот. Важел и важи принципот дека сè е создадено од Бога, или измислено по божја промисла како добро и сè е за полза на човекот. Динамитот на пример не бил измислен за масовни убиства, ама за жал се употребувал и во такви цели. Не го измислил ѓаволот, туку Нобел кој гледајќи ја злоупотребата, одлучил да создаде фонд за награди кои ќе се доделуваат на оние кои ќе го запазат човештвото во мир и ќе му го олеснат животот со своите иновации. А мислата дека сè може да се употреби или злоупотреби, секогаш се имала предвид во православието. Кога после толку објаснувања дека инквизицијата е туѓа на нашите размислувања, и дека конечно ќе успееме да се ослободиме од нејзината сенка, ќе се истакнеме со идеја за забранување на фејсбукот како ѓаволска работа, па ќе се запраша човек дали сè тече, сè се менува или се менува и тече низбрдо.
Ако цел тој медиум, ние како црква, го напуштиме и го оставиме без да имаме увид во него, а уште помалце во пласирањето информации, ќе живеме ли посреќно, бидејќи, ако не прочитаме нешто напишано против нас, ќе значи ли и дека не се случило? Ако потоа некоја секта ни го освои виртуелниот простор како што тоа го прават на реален терен, проблемот ќе биде во нивната работа или во нашата "не" работа? Во нашата борба што ќе ја водиме против фејсбукот наместо во придобивање на следбеници во името Христово?
Настрана тоа што во време на нагласена кампања, и наша и на Владата за женење, мажење, фб е најмоќно стројник орудие. Да беше човек, што чевли ќе се изнаносеше. И неблагодарно е некако од наша страна да се бунтуваме против него, оти, ете преку тоа ни ја зголемува и работата и приходите.
И пак прашање: дали кога ќе пратиме преку Фејсбук нотификација и покана за богослужба, и нашите Фб пријатели ќе се огласат на поканата и ќе ја наполнат црквата, ѓаволот ни направил услуга преку „неговото“ орудие? Кој е фраерот тука? Кој кого намагарчил?
И уште една работа. Според православото учење, сè е создадено од Бога. Нема ништо создадено од ѓаволот и ништо не е зло само по себе. Оттука нема ѓаволски работи. Па ни Фб. Ако пак се тврди, спротивното прашање е дали не навлегуваме во дуализам, во верување и придавање на моќ на ѓаволот дека може да создава, што пак е ерес.
Сепак, сè тече, сè се менува. Како непоправлив оптимист, верувам дека оваа глупава идеја ќе истече и ќе се смени. Или во најлош случај, ќе нè одмине.