Зошто не успеваат обидите да ги натераш луѓето да слабеат

Сите оние поучни и добронамерни емисии / кампањи во кои како на луѓе ни ја објаснуваат полезноста од јадење домашно зготвена и/или здрава храна и зошто треба здраво да се храниш, немаат претстава дека на тебе во 11 часот наутро на работа ништо не ти изгледа пологично и полесно отколку да извадиш стотка од џеб за бурек, баничка, тост или бургер.

Сите овие обиди потпаѓаат под "теоријата за поттурнување," односно дека луѓето треба да ги поттурнеш помалку да трошат на храна или помалку да јадат. Така на пример конкретна мерка за ова е воведување на закон кој од рестораните бара на менијатаа да испишат колку калории им содржат оброците, во надеж дека тоа некако ќе ги откаже луѓето од јадење или барем помалку ќе нарачаат, или пак притисок врз компаниите да воведат програми за вежбање за вработените.

"Сепак поттурнувањето има одредени ограничувања кои не се соодветно препознаени од неговите иницијатори. Прво, поттурнувањето некогаш едноставно не е ефикасно. Некои работодавци откриваат дека нивните велнес програми не функционираат, и им носат само нарушен морал наместо здравствени бенефиции (а не па корпоративни заштеди). Исто така објавувањето калории може да ја зголеми свесноста за здравствените проблеми без намалување на консумацијата на брза храна," пишува Франк Пасквале за Атлантик.

Дополнителен проблем со поттурнувањето е што тоа може да го промени контекстот на една мала одлука, ама не може и да ја смени околината. Како пример за околината, Паскал го дава истражувањето на еден американски нутриционист кој покажува дека годишната потрошувачка на американската влада за промоција на здрава храна, е еднаква на неколкудневниот маркетинг буџет на производителите на храна.

На ова само се надополнуваат сите промоции на брзата храна (со додавање играчки) или врзувања со поп-култура (закупување време во филмови / спотови), плус бескрајниот низ на научници и маркетинг експерти кои гледаат како повеќе да те навлечат на храна.

"Вилијам Х. Симон, професор по право на Колумбија, во Бостон Ривју напиша дека менталитетот на поттурнување 'имплицира чудно ограничена перцепција за средствата и мерките со кои располага владата. Понекогаш потсетува на доктор кој со насмевка на лицето ти кажува дека, иако има многу малку што може да стори за излекување на болеста, тој притоа ќе се обиде да направи пациентот да се чувствува најудобно што може.'

Со сведување на големите политички прашања за здравствената заштита и финансиите на секојдневни расправи околу тоа дали да се троши или штеди, јаде или апстинира, економистите генерираа политички предлози со кои се лесно прифатливи за гласачите, а политичарите лесно да ги промовираат. Меѓутоа нивниот индивидуалистички пристап на она што во крајна линија се општествени проблеми може да заврши со влошување на самите околности кои тие тврдат дека ги подобруваат," пишува Пасквале.

5 декември 2015 - 15:28