Последниот инцидент на темава е прифаќањето а потоа и одбивањето на Трибека филмскиот фестивал да се емитува документарецот на Ендру Вејкфилд, посрамениот гастроентеролог кој ја објави сега повлечената студија за поврзаноста меѓу вакцината за сипаници и аутизмот. Освен што од тогаш му е одземена медицината дозвола на Вејкфилд, неговата студија е негирана и докажана како неточна во неброени дополнителни студии и анализи.
Самото движење против вакцините е старо колку и вакцините. Уште кон крајот на 1700-те кога Едвард Џенер ја создава првата вакцина против сипаници, што ја довива од кравји сипаници, противниците на вакцинирањето тврдат дека таа ќе ги претвори луѓето во крави. Логиката на Џенер е - ок кога ќе видат дека не ги претвора луѓето во крави, ќе се вразумат и ќе почнат да ја прифаќаат. Не поминува така.
"Зачудувачката долговечност на движењето зборува за неговата извонредна растегливост. Поборниците против вакцините, секој пат повисоко ја креваат пречката кога ќе се покаже дека нивната последна омилена теорија е измислица," пишува Тара Хаеле за Кварц.
Денешното движење против вакцините потекнува од 1980-те, и објавувањето на документарец околу поврзаноста на вакцината против дифтерија, тетанус и пертусис, и објавувањето на книга од Барбара Ло Фишер, основач и директор на денес најголемата организација против вакцините. По ова, во 1998-ма, Вејкфилд ја објавува својата студија во Лансет, распалувајќи го во Британија стравот за поврзаноста меѓу вакцината против сипаници и аутизмот. Две години подоцна, истата оваа паника се преселува во САД.
Постепено, секоја нова студија на темата го разголува и негира стравот од поврзаноста меѓу двете работи. Привремено замолчени, анти-вакцинерите, едвај го дочекуваат своето воскреснување кое им доаѓа во форма на состојката тиомерсал. Состојката служи за спречување контаминација во детските вакцини, меѓутоа американскиот Центар за контрола на болести одлучува да го забрани нејзиното користење, не затоа што е докажано штетна, туку затоа што нема доволно докази за нејзината безбедност.
И покрај одлуката на Центарот, нема никакви докази за штетноста на тиомерсал, и не постои никаков познат ризик од негово користење. Ова не им пречи на анти-вакцинерите, кои пак наоѓаат ново поле за бој, каде се аргументот им е дека децата примаат премногу вакцини, премногу рано во животот.
"Децата добиваат вакцини и децата имаат здравствени проблеми, и некогаш овие работи се случуваат во исто време. Се додека ова се случува, некои родители ќе ги сметаат вакцините за сторители," објаснува извршната директорка на Гласови за вакцини, организација која се залага за вакцинирање, Карен Ернст.
Шефот на одделот за инфективни болести на Детската болница во Филаделфија, Пол Офит, има разбирање што родителите се загрижени околу бројноста на вакцините, ако се има предвид дека во последните дваесетина година распоредот за вакцинирање е згуснат. Проблемот е што иако резултатите на клиничките студи покажуваат дека вакцините се безбедни, тие тешко ги разубедуваат родителите. Плус на ова е мал процент луѓе кои никогаш нема да ги прифатат резултатите од научните тестови.
И покрај ова, самите научници објаснуваат дека истражувачите не смеат да ги игнорираат прашањата и загриженоста на јавноста, и дека и понатаму мора да продолжат детално и брзо да истражуваат на спорните теми.
Која е иднината на движењето против вакцините? Повторно издвојување на некоја состојка на вакцините, како што беше случај со тиомерсал или, откривање нова состојба која би ги покривала симптомите што анти-вакцинерите ги сметаат за сомнителни.