
Истражувањата спроведени на Универзитетот во Пенсилванија се темелеа на претходни, помали студии за ефектите на додатоците на омега-3 врз агресијата. Нивната мета-анализа разгледа 29 рандомизирани контролирани испитувања на вкупно 3.918 учесници.
Во сите испитувања, беше пронајден скромен, но забележлив краткорочен ефект, што се преведува во намалување на агресијата до 28% кај повеќе различни варијабли (вклучувајќи возраст, пол, медицинска дијагноза и должина и доза на третманот).
Време е да се воведе додавање омега-3 во исхраната заради намалување на агресијата во заедницата, во клинички услови или во правосудството, коментира неврокриминологот Адријан Рејн.
Испитувањата анализирани во студијата биле спроведени помеѓу 1996 и 2024 година и просечно траеле по 16 недели. Опфаќале различни демографски групи, од деца на возраст од 16 години до луѓе над 50 години. Забележано било намалување и кај реактивната агресија (како одговор на провокација) и проактивна агресија (однапред планирана).
Иако ќе бидат потребни поголеми студии во подолги временски периоди за понатамошно утврдување на оваа врска, истражувањето придонесува за разбирање на придобивките од рибиното масло за мозокот.
Родителите кои настојуваат да го смират своето агресивно дете треба да знаат дека покрај кој било друг третман, дополнителна порција или две риби неделно би можеле да помогнат, вели Рејн.
Освен за смирување на агресијата, додатоците со рибино масло го намалуваат ризикот од срцеви удари, мозочни удари и други кардиоваскуларни проблеми.
Омега-3 не е волшебен лек што целосно ќе го реши проблемот со насилството во општеството. Но, дали може да помогне? Врз основа на овие наоди, цврсто веруваме дека може и треба да почнеме да ги применуваме новите знаења, додава Рејн.