„Растителното месо“ има повеќе адитиви од вистинското

Милиони луѓе се префрлаат на растителни замени на месото и на млечните производи за да се хранат „поздраво“. Нова студија открива дека алтернативите се полни со гуми, емулгатори и стабилизатори за да го имитираат вкусот и текстурата на месото и млекото што треба да ги заменат. Не се нужно штетни за здравјето, но немаат никаква предност во однос на природните.

Во првата студија за систематско споредување на содржината на адитиви помеѓу двете категории, истражувачи од Институтот за оптимална исхрана (ION) анализирале 71 пар производи од растително и животинско потекло, вклучувајќи млечни производи, месо, риба и други солени производи, кои се продаваат во британските супермаркети.

За да биде споредбата што е можно поблиска, бадемовото млеко било спарено со кравјото, месото на растителна основа со вистинското и така натаму по категории, се до лазањи, јогурти, мајонези и торти. Состојките потоа биле класифицирани врз основа на листата на адитиви на Агенцијата за стандарди за храна.

Во просек, производите на растителна основа содржеле по околу два адитиви за храна, во споредба со ниту еден кај верзиите на животинска основа. Опсегот на типови адитиви што се користеле бил исто така поширок кај храната на растителна основа - 39 различни видови, наспроти 31 кај производите на животинска основа. Јазот бил најизразен кај млечните алтернативи како што се сирењето на растителна основа и замените за месо и риба, како веганските колбаси.

„Млеката“ без вистинско млеко се одличен пример како замената на храна може да тргне наопаку. Тие често имаат засладувачи, згуснувачи, емулгатори, па дури и масло за да добијат вкус и изглед на млеко. Во исто време, тие често содржат помалку протеини, калциум и витамин Д од обичното млеко. Нутритивно, тие често не се супериорни производи, вели Линдзи Малоун, истражувач во Одделот за исхрана на Универзитетот „Кејс Вестерн Ризрв“.

Вообичаените адитиви во производите од растително потекло ги вклучувале: E160a (каротени, за боење), E170 (калциум карбонат, веројатно за изглед и збогатување со хранливи материи), E418 (гума, средство за желатирање), E270 (млечна киселина, за регулирање на киселоста), E322 (лецитини, емулгатор), E461 (метилцелулоза, за текстура), E1450 (модифициран скроб, за згуснување) и карагенан (како стабилизатор).

За разлика од нив, производите од животинско потекло главно содржеа адитиви како што се E223 (натриум метабисулфит, конзерванс), E300 (аскорбинска киселина, антиоксиданс), E450 (дифосфати, за задржување на влага и емулгирање), E160c (екстракт од пиперка, за боење) и E415 (ксантан гума, за згуснување и стабилизирање).

Истражувачите забележуваат дека алтернативите за месо не се нужно штетни за здравјето и дека тоа треба да се докаже со понатамошни студии. Сите користени адитиви се одобрени од регулаторните тела. 

Од друга страна, нема предност од консумирањето на алтернативата на месни и млечни производи. Советот за оние што сакаат да се хранат здраво без месо е да користат природна растителна интегрална храна, како што мешунките и житарките, кои не содржат адитиви.

За Сотирија Еверет, асистентка во болницата „Стоуни Брук“, поважно од адитивите е релативно повисоката содржина на натриум во производите на растителна основа, особено за лица со хипертензија или кардиоваскуларни заболувања.

15 јули 2026 - 08:33