И покрај поединечните сведочења дека прочистувачите на воздух ги стишуваат симптомите на алергија и астма, има мал број студии кои научно докажуваат дека уредите драстично намалиле нечии симптоми или подобриле квалитет на воздух.
Од Американската асоцијација за бели дробови, објаснуваат дека иако има научни трудови на темата, резултатите од нив „не се целосно конзистентни“, дека тие се добиени „во релативно контролирана околина,“ и дека не земаат предвид човечка грешка кога е во прашање замена на филтри и одржување на уредот.
Од Универзитетот во Јута објаснуваат дека дел од предизвикот во спроведување научни студии околу влијанието на прочистувачите врз квалитетот на воздухот во затворено е што постојат неверојатен број варијабли. Други луѓе од научната фела посочуваат дека квалитетот на воздухот во затворено зависи не само од алергени, туку и од „чад од пушење, испарувања од готвење, производи за чистење, градежни материјали и мебелот по дома.“
Заради вака лабавата врска меѓу прочистувачите на воздух и долгорочното здравје, прочистувачите се квалификуваат како уреди за домаќинство а не како медицински уреди. Пример, Американската асоцијација за бели дробови не ги перципира како медицинска потреба.
„Не го сметаме прочистувањето на воздух како неопходно во одредени ситуации и соодветна мерка, но главно, кај најголемиот дел поединци, ние го сметаме како трета линија на одбрана.
Има други работи што прво треба да се случат. Треба многу јасно да го идентификуваме и отстраниме изворот на проблемот, на пример дали зградата има соодветна вентилација, или да се намали каков било чад од пушење и други загадувачи.
Не може ти да го загадиш базенот па потоа да се трудиш да го исчистиш. Сакаш да се осигуриш дека базенот од старт е чист,“ објаснуваат од Американската асоцијација за бели дробови.
За дел од научниците проблемот е многу пообемен, и не е важно дали имало здравствен бенефит од прочистувачите или не, бидејќи тоа е само привремено решение, додека не се реши изворот на загадувањето на воздухот, без разлика дали тоа биле хемикалии во домот или честички од надворешното загадување. Дополнителна слабост е што прочистувачите се уште едно решение кое ги игнорира сиромашните и може да се користи само од поимотна група луѓе, за да им го прочисти воздухот и за да им ја смири нервозата дека не мора ништо да преземаат за загадениот воздух од кој ги дели само еден прозор.