Омикрон може да ни заврши голема работа

Остајте ги локалните паничари кои побрзаа да се нацртаат по телевизии за бомбастично да ја запрашат јавноста со можноста омикрон да е 500 пати позаразна варијанта од досегашните. Оние што малку потемелно се бават со проблемот, порачуваат дека самата заразност може да биде лоша но и многу добра вест.  

Доаѓањето на најновата варијанта на коронавирус, првпат идентификувана во Боцвана и Јужна Африка, а сега присутна во дузина земји, може да биде лоша или многу лоша вест, но може и да се сведе на привремено спинување од доминантната делта.

Ефектот на омикрон врз текот на пандемијата ќе биде одреден од три фактори: неговата преносливост; степенот до кој ја избегнува нашата постојна имунолошка одбрана; и вирулентноста или сериозноста на болеста што ја предизвикува.

Ако се покаже дека омикрон лесно скока меѓу домаќините, ги пробива нашите неутрализирачки антитела и предизвика невообичаено опасни компликации, ќе бидеме во голема белја. Но, може неговата приказна да има посуптилни импликации за нас. Ако омикрон заврши, на пример, како супер заразен,  но со благи симптоми, тоа може да биде дури и добра работа. Би се рекло совршена варијанта, токму на време за новогодишните и божиќните гужви, пишува Атлантик.

Во моментов, само ортодоксните вакцинални врескачи можат да веруваат дека е можно да се избегне сценариото по кое со години ќе мора да живееме со коронавирусот. Дури и ако секој човек на Земјата добие одреден степен на имунитет од вакцинација или инфекција, вирусот би можел да се повлече во неговите многубројни животински домаќини, само за по некое време повторно да влезе во човечката популација во малку поинаква форма.

„Нема разумна личност во јавното здравство која денес мисли дека искоренувањето, елиминацијата или нула ковид е реална цел“, вели Тара Кирк Сел, виш научник во Центарот Џон Хопкинс.

Според лекари од Јужна Африка и Израел, случаите на омикрон досега се чинат помалку сериозни од Делта. Нула тешки случаи или смртни случаи се пријавени меѓу скоро 60 потврдени случаи во Европската унија.

Но, податоците во моментов се многу ограничени. Пријавени се помалку од 250 случаи ширум светот, а мноштвото од нив се од Јужна Африка која има популација помлада од просекот а таа е помалку подложна на компликации.

Ако омикрон продолжи да покажува знаци дека е поблаг од делта, тоа е добра вест. Но, ако исто така се покаже дека се шири побрзо од делта -  тоа би можело да биде одлична вест!

„Кога циркулираат две варијанти, онаа што побрзо заразува повеќе луѓе ќе има тенденција да доминира“, вели Самуел Скарпино, од Институтот за превенција на пандемијата на Фондацијата Рокфелер.

2 декември 2021 - 14:57