Колку си анти-ваксер од нула до посета на инфективно?

Водечките руски доктори повикаа тамошни ѕвезди, инфлуенсери и политичари анти-ваксери лично да дојдат во црвените зони во болниците за од блиску да го видат ефектот од пандемијата.

11 доктори од неколку руски градови напишаа отворено писмо до јавните личности кои ги споделуваат своите анти-ваксерски ставови со стотици илјади следбеници на социјалните мрежи.

„Сите сме доста зафатени, веројатно можете да претпоставите со што.

Меѓутоа имајќи предвид колку многу луѓе ве читаат и ве слушаат, ќе најдеме време да ве придружиме низ црвната зона, одделите за интензивна нега и патологија во нашите болници.

Можеби потоа ќе го смените вашиот став и помалку луѓе ќе умираат,“ стои во писмото.

И покрај повеќе апели за вакцинирање лично од Путин, и покрај тоа што на располагање имаат неколку домашни вакцини, вклучително и Спутник V, стапката на целосно вакцинирани во Русија е околу 37%. Во изминативе недели, земјата има над 1.000 смртни случаи на ден.

Еден од потписниците на писмото и раководител на главната ковид болница во Москва, доктор Денис Проценко, објаснувајќи зошто докторите го напишале писмото, на својот Телеграм канал пишува:

„Живееме во доба кога мислењето на професионалец од која било индустрија може лесно да биде срушено од некој славен.

Се случува вистинска војна, губиме повеќе од 1.000 луѓе на ден кои не го подготвиле своето тело за да се спротивстави на опасниот вирус.“

Русија до сега имаше 9,4 милиони случаи на коронавирус и над 266.000 жртви.

24 ноември 2021 - 11:15