Од крајот на 1990-те медиумите почнуваат да го застапуваат и промовираат користењето лекови против болка. Тие активно работат на менување на наративот а новата позиција беше дека - болката не доволно се третира и дека опијатите се безбедни.
Во тоа време од една страна се напаѓа здравствениот систем дека недоволно препишува опијати, заради нивната компликувана регулација бидејќи може да се користат од нарко-зависници, додека во исто време се објаснува дека човек кој не е зависник не може да стане зависник од овие апчиња.
Од друга страна лекови како Оксиконтин, од медиумите се претставени како „безбеден и ефикасен лек со малку нуспојави“, од кој шансите за зависност се околу 1%. Њујорк тајмс во една сторија од 2002 ги набедува докторите дека не се волни да препишат опијати, и покрај фактот што во 3 студии со речиси 25.000 пациенти, само седуммина развиле зависност.
Олеснителна околност за индустријата е дека нивните стории главно го отсликуваат консензусот на медицинскиот естаблишмент (кој денес е пресвичан на тоа дека опијатите создаваат зависност). Проблемот е што веста „не ја пренесуваат со здрава доза на скептичност“.
Во последните години целата работа се компликува со појава на медиуми директно основани или финансирани од медицинската индустрија. Па ако некогаш си знаел дека содржината на Њујорк тајмс на пример може да потпадне под „консензусот“, сега ни најмалку не можеш да бидеш сигурен околу агендата на медиумите основани од некого чиј бизнис се базира на приходи од медицината.
Што се однесува на кризата со опијати, медиумите последниве години комплетно се освестија на темата, повторно под влијание на „консензусот“, па се бескрупулозни во пријавување на алчноста на фармацевтските компании, и епидемијата на зависност и смртни случаи што беа предизвикани од претерано користење лекови против болки.