
На возрасен човек му се препорачува да спие по 7 до 9 часа навечер. Во тоа време се случуваат физиолошки процеси кои им овозможуваат на нашите тела ефикасно да функционираат кога сме будни. Мускулите закрепнуваат, меморијата се консолидира и се регулираат емоциите.
На некои луѓе природно им е доволен и пократок одмор и можат добро да функционираат со помалку од седум часа сон. За другите, тоа значи помалку енергија, полошо расположение, зголемен стрес и потешко концентрирање следниот ден.
На долг рок, недоволното спиење се поврзува со зголемен ризик од развој на кардиоваскуларни заболувања како срцеви удари и мозочен удар, метаболички нарушувања, вклучувајќи дијабетес тип 2, лошо ментално здравје, депресија и анксиозност, рак и смрт.
Но, што е со премногу спиење? Анализа на резултатите од 79 студии во кои најмалку една година било следено времетраењето на спиењето открила дека луѓето што спиеле многу (дефинирано како повеќе од девет часа навечер) ризикот од прерана смрт бил зголемен за 34% во споредба со оние што спиеле седум до осум часа. Оние што спиеле помалку од седум часа навечер - имале 14% поголем ризик од смрт.
Анализата покажала дека предолгото спиење е поврзано со депресија, хронична болка, зголемување на телесната тежина и метаболички нарушувања.
Научниците предупредуваат дека само е пронајдена врска, што не значи дека долгото спиење директно предизвикува здравствени проблеми или смрт. На оваа врска може да влијаат повеќе фактори. Луѓето со хронични здравствени проблеми вообичаено спијат подолго, бидејќи им е потребен дополнителен одмор за закрепнувањето или се под дејство на несакани ефекти од лекови. Со други зборови, спиењето може да биде симптом на лошо здравје, а не причина.
Причините зошто некои луѓе спијат малку, а други многу, зависат од индивидуалните разлики. Потребите може да бидат поврзани со возраста. Тинејџерите често спијат повеќе и можеби физички имаат потреба од тоа. Затоа препораките за спиење за тинејџерите се малку повисоки - од осум до десет часа. Но, на повеќето возрасни им требаат седум до девет часа. Битен е и квалитетот на сонот, како и редовното време на заспивање и будење.