Главната претпоставка/верување на хомеопатите е дека супстанците кои ги предизвикуваат болестите, доколку се земаат во минимални дози можат да помогнат во лечење на болеста.
"Ова тврдење во повеќе студии е докажано како неточно, ама Националниот совет за здравје и медицинско истражување за прв пат детално анализираше 225 студии за хомеопатија за да дојде до заклучокот, објавен во средата.
'Врз основа на процената на доказите за ефективноста на хомеопатијата, НХМРЦ заклучува дека нема ниту една здравствена состојба за која постојат основани докази дека хомеопатијата помага.
Луѓето кои избираат хомеопатија може го ризикуваат своето здравје доколку одбиваат третмани за кои постојат добри докази дека се безбедни и ефикасни,'" пишува Мелиса Дејви во Гардијан.
Претседателот на комитетот на хомеопатија на НХМРЦ, професорот Пол Глазиу, очекува во целата работа да помогнат осигурителните компании и да престанат да ги надоместуваат трошоците за хомеопатски лекови, како и аптеките од кои очекува да размислат дали треба да имаат хомеопатски лекови на залиха.
Меѓу проверените 225 статии, имало и такви кои покажуваат дека хомеопатијата е ефикасна, меѓутоа квалитетот на овие студии бил премногу слаб и тие имале "сериозни грешки во методологијата и немале доволно учесници за да покажат дека хомеопатијата функционира подобро од апчето со шеќер."
Глазиу се надева дека студијата ќе има сличен успех во Австралија како што имаше извештајот од Долниот дом во Британија од 2010-та, по кој се забележа сериозен пад на користење хомеопатија во земјата.
Експертот за политика за медицински лекови, др. Кен Харви, побара Агенцијата за стандарди во образованието да престане да ги акредитира студите и курсевите по хомеопатија.
"Немам проблем ако приватните колеџи сакаат да држат курсеви по гледање на кристална топка, иридологија и хомеопатија, а ако луѓето се доволно луди да плаќаат за ова, тоа е нивна одлука.
Ама ако овие курсеви се одобрени од тело на Комонвелтот, тоа е друга приказна и вистински проблем," објаснува Харви.