Болнички трошок за 5 дена - еден милион долари

Млад Американец без здравствено осигурување завршува во болница. Во неа минува вкупно пет дена. Му стигнува сметка, за болнички трошоци да плати милион долари. Ни операција ни бутур.


Еден сосема вообичаен септемвриски ден, 24 годишниот Николас Медисон се шлаел со пријателите. Само што се бил вратил во родниот Питсбург откако летото го минал шетајќи по Америка. Претходно работел за непрофитна организација а за 12 дена требало да оди на ново работно место, во банка.

Во таков ден, во период меѓу две здравствени осигурувања, го стега силна и неочекувана болка во вратот. Веќе за неколку часа не може воопшто да го мрда. Го фаќа паника, замолува пријатели да го однесат на Ургентно. Иако во тешка ситуација, таму не го пуштаат на преглед пред да пополни тон формулари.

Подоцна Медисон дознава дека ако дошол еден час подоцна, ќе останел парализиран, ако задоцнел неколку часа, веројатно ќе умрел. 

Му дијагностицираат субдурален хематом (крварење околу мозокот), резултат на сериозна хемолифија од типот Б, едно ретко генетско пореметување кое не дозволува засирување на крвта.

За среќа, процедурата била технички лесна и безболна, без потреба од операција. Му дале валиум за болка и нешто што се вика Factor VIII, за запирање на крварењето. 

Во болница останува 5 дена по што го отпуштаат како решен случај.

По некое време му стигнува писмо од болницата. Знаел Медисон дека ќе биде голема сметката но не очекувал баш дека таа ќе гласи на сума од еден милион долари.

"Factor VIII e ужасно скап лек но конечната цифра која ја добил навистина е безобразлук", вели доктор Зубин Даманија, долгогодишен критичар на американскиот здравствен систем.

Во писмото било наведено дека тоа не е конечна сметка бидејќи не биле вкалкулирани трошоците за разните специјалисти кои го посетувале тие денови и ја мониторирале неговата состојба.

А според Медисон, тоа се сведувало на визити во траење од по 40-тина секунди кои главно се одвивале вака:

- Како сте денес?, ќе прашал некој од специјалистите.
- Добро сум, ќе одговорел дечкото по што лекарите заминувале кај други пациенти.

Интересна е таа болница во Питсбург. Лани завршила на суд заради пумпање на цени за лекови за рак. Иако технички е непрофитна организација, минатата година направила приходи од 10 милиони долари.

Па каде одат тие пари кај еден непрофитна? Погодете. 

Последната студија од Харвард вели дека просечна плата на директор на непрофитна болница во САД изнесува 600.000 долари годишно. Директорот на болницата во Питсбург зема 6 милиони долари!

А оној доктор Маданија што го спомнавме погоре, од мака почна и да рапува правејќи видео спотови под прекарот ZDoggMD, за да ја едуцира и предупреди јавноста на овој вид замки и проблеми.