Луѓето од СЗО објаснуваат дека иако пандемијата е таква каква што е, тоа „не мора да значи дека е од големите,“ дополнувајќи дека светот ќе мора да научи да живее со ковид-19.
Без разлика што има вакцина и што се почна со вакцинација „судбината“ на вирусот е да стане ендемски.
„Светот се надеваше на групен имунитет, дека пренесувањето на болеста некако ќе се намали ако доволен број луѓе се имуни.
Изгледа дека судбината на ковид-19 е да стане ендемска, како што станаа и четири други човечки коронавируси, и ќе продолжи да мутира и да се размножува во човековите клетки.
За среќа имаме алатки за спасување на животите, и овие во комбинација со добро јавно здравје ќе ни дозволат да научиме да живееме со ковид-19,“ објаснува еден од функционерите на СЗО задолжен за заразни болести, професор Дејвид Хејман.
Раководителот на СЗО за вонредни ситуации, др. Марк Рајан, ја потврдува процената дека вирусот ќе стане ендемски, и иако ќе остане закана, таа ќе биде на ниско ниво благодарејќи на ефикасната вакцинација. Според него самото постоење на вакцина, дури и со висока ефикасност, не е гаранција за елиминирање на болеста.
Рајан објаснува дека од тие причини правата задача на вакцината е да спасува животи и да ги заштити ранливите, а дури потоа ќе треба да се размислува за нешто што потенцијално би го елиминирало или искоренило вирусот.
„Оваа пандемија беше тешка... го зафати секој дел од планетава. Но тоа не мора да значи дека таа беше ’големата’.
Ова е освестување. Сега учиме како подобро да ги правиме работите: научниот дел, логистиката, обуката и управувањето, како подобро да комуницираме. Но планетата е фрагилна,“ порачува Рајан.
Главната научничка на СЗО, Сумја Сваминатан, без намера да го намали расположението околу вакцината, објаснува дека тоа што светот почнал да се вакцинира, не значи дека во иднина ќе може да се укинат мерките за борба против вирусот, како социјално дистанцирање.
Сваминатан продолжува во ист песимистички тон околу тоа дека вакцината само спречува болеста да биде тешка или да доведе до смрт, но не спречува и нејзино пренесување:
„Не верувам дека ги имаме доказите за која било од вакцините за да бидеме сигурни дека таа ќе ги заштити луѓето од заразување со болеста а со тоа и за нејзино пренесување.
Па мислам дека треба да претпоставиме дека луѓето кои се вакцинирани треба да ги преземаат истите мерки за заштита.“