Ако сакаш да ја спасиш планетава, веганството не е решение

Кога инсистираш дека месната и млечната индустрија ја уништуваат Земјата, не можеш да прескокнеш дека идентично штетни се и полињата соја и пченица.

Бројот на вегани во Британија расте од околу половина милион луѓе во 2016 на 3,5 милиони луѓе во 2018, што веќе изнесува околу 5% од тамошната популација. Дел од промената се должи и на документарци како Cowspiracy и What the Health кои ги истакнуваат сите мани на месната и млечната индустрија, и како таа влијае на здравјето на животните и луѓето и општо на околината.

„Меѓутоа наместо да паднеме под убедувањата дека треба да јадеме повеќе производи од индустриски растена соја, пченица и житарки, ние треба да поттикнуваме одржлива форма на производство на месо и млеко базирано на традиционален систем на ротација, перманентни пасишта (земјиште кое не се користи за ништо друго) и пасење за одржување на дивите пасишта и ливади.

Треба, во најмала рака, да ја ставиме под знак прашање етиката на зголемување на побарувачката за култури чие одгледување бара големи количини на вештачко ѓубриво, фунгициди, пестициди и хербициди, додека во исто време ги демонизираме одржливите форми на сточарство кои можат да ја обноват почвата и биолошката разноликост, и да го намалат загадувањето,“ пишува во колумната за Гардијан авторката на „Wilding: The Return of Nature to a British Farm,“ Изабела Три.

Во 2000, Три и нејзиниот сопруг ја претвораат својата фарма од 1400 хектари во опширно пасиште за слободни стада англиски говеда, свињи, коњи и по некој елен. Претходно тие 17 години се обидуваат истиот имот, но во форма на ниви, да го направат профитабилен, и не им успева.

„Сега еко-туризмот, изнајмување на пост-земјоделски објекти, и 75 тони месо годишно од органска и пасена стока ни помага да имаме профитабилен бизнис. А откако животните цела година живеат надвор со изобилие за јадење, тие немаат потреба за суплементи во исхраната и ретко ги носиме на ветеринар.

Стоката живее во природни стада и се движи каде што ќе посака. Се одмора каде што сака (ги презираат шталите кои ги оставивме отворени за нив ако им затребаат како заштита) и јадат што сакаат... Начинот на кој секое од животните пасе, лежи и гази ја стимулира вегетацијата на различен начин, што за возврат создава нови можности за други видови, вклучувајќи мали цицачи и птици.

Најважно, затоа што не им даваме лекарства против црви (кои редовно и се даваат на стоката) или антибиотици, нивниот измет ги храни црвите, бактериите, фунгите и бубачките, кои го носат изметот во почвата. Ова е клучен процес за реставрирање на екосистемот, враќање на хранливи материи и структура на почвата. Губењето почва е еден од најголемите катастрофи со кои светот денес се соочува...

... Пред 20 години, почвата на нашата фарма беше сериозно деградирана по децении орање и фрлање хемикалии, речиси биолошки мртва. Моментално имаме 19 видови црви во земјата, кои претставуваат клучен фактор за снабдување на почвата со воздух, нејзино вртење, ѓубрење, па дури и детоксификација, а бројот на птици кои се привлечени од инсекти кои се хранат со изметот од говедата е неверојатен.

Не само што овој систем на природна испаша и помага на околината во однос на обновување на почвата, биолошка различност, квалитет на вода и ублажување на поплавите - туку и гарантира здрав живот на животните, кои за возврат создаваат месо кое е здраво за нас,“ објаснува Три.

Што се однесува на метанот од издувните гасови од стоката, глобалните статистики не важат за нејзините животни заради околината во која живеат нејзините животни и храната што ја консумираат. Три наведува една шкотска студија според која стоката што се храни со дел од вегетацијата што е присутна на нејзиниот имот, има 70% помалку емисии на метан.

„Во веганската равенка ретко кога се пресметува загадувањето од орањето. Според извештај објавен во 2017 во журналот Нејчр, од индустриската револуција до денес до 70% од јаглеродот од обработувањето на почвата завршил во атмосферата.

Затоа тука има голема одговорност: освен ако не набавуваш вегански производи конкретно од органски, ’без копање’ системи, ти активно учествуваш во уништување на биолошкиот свет на почвата, промовираш систем кој е штетен за другите видови, вклучувајќи мали цицачи, птици и рептили, и значително придонесуваш кон климатски промени.

Нашата животна средина еволуира заедно со големите тревопасни животни - со стада говеда, елени, бизони, диви свињи и милиони дабари кои слободно се движат. Тие се видови чија интеракција со животната средина одржува и создава живот. Користењето тревопасни животни како дел од циклусот може значително да помогне во создавање на одржливо земјоделство.

Не е спорно дека треба да се јаде помалку месо, и за пофалба се сите повици за ставање крај на неетичкото, индустриско производство на месо. Меѓутоа ако твојата загриженост како веган е околината, добробитта на животните и твоето лично здравје, тогаш повеќе не е можно да се преправаш дека сето ова си го исполнил само со откажување од месо и млечни производи,“ порачува Три.

 

25 септември 2018 - 17:12