Зборувај ирски за никој да не те разбере

Наспроти тоа што ирскиот е официјален јазик на Републиката и наспроти напорите на власта да го дигнат од мртвите, овој јазик неповратно изумира. Како е можно едни од светски најпознатите фетишисти во врска со својот идентитет денес раштркани по светот да ги обединува друг јазик, англискиот?

Ирскиот јазик денес може да се слушне само на државниот Тв програм Teilifis na Gaeilge и по селата на западна Ирска, во енклавите познати под името Гејитахт. Се работи за јазички резервати каде што се спасува она што може да биде спасено. Тоа се слабо населени иако спектакуларно убави делови на Ирска чии жители и натаму рибарат, копаат компир и пијат гинис (на мајчин јазик) а преку лето примаат десетици илјади тинејџери од другите делови на Ирска.

Клинците доаѓаат таму како дел од државниот план за реанимација на јазикот. И сите задоволни - селаните ќе заработат некоја пара, службениците ќе исполнат јазична норма а децата ќе го поминат летото подалеку од своите родители. Но, како е можно во земја која е еден од водечките светски произведувачи и дистрибутери на национална митоманија, ретко кој да го зборува сопствениот јазик?

„Како што на Србите за сè им се криви Турците, така на Ирците им се криви Англичаните. Кај што Енглез ќе помине, тука трева не расте, велат Ирците наведувајќи го фактот дека денес во Ирска живеат помалку од 10% од сите Ирци на светов, ситуација која е слична и со Шкотите и Велшаните“, пишува Дејан Новачиќ за магазинот на Перо Луковиќ.  

Сите тие се потомци на старите Келти кои, бегајќи од Римјаните, дошле од континентот пред два милениума, татковината им била во денешна Швајцарија а ги имало и на Балканот. Старите Келти имале заеднички јазик кој подоцна се дели во две групи. Шкоти и Ирци денес можат да се разберат меѓусебе ама во Велс би им требал преведувач.

Англосаксонците не биле фасцинирани премногу од јазичките нијанси, не ги интересирала многу лингвистиката па келтските народи, заедно со Норманите и Викизните, ги таманеле што заеднo, што поединечно. Во тој процес не страдале само келтските кралества (хипербола за нивните племенски заедници), туку и нивните обичаи, обележја и јазик. Со текот на вековите, англискиот не станува само службен туку и секојдневен јазик.

Во средината на 19-от век сè уште барем половината од Ирците го знаеле својот мајчин јазик. Но тоа биле сиромашните селани кои главно молчеле и копале. Кога компирот го напаѓа болештина, земјата се префрлува на пченица но таа завршува главно во Англија и во Ирска доаѓа до страшна глаd. Еден милион луѓе умираат од глад и епидемии, друг милион ја напушта земјата носејќи го со себе и својот јазик. 

Токму оваа катастрофа и анти-британското расположение кое таа го раѓа ја испишува келтската национална митологија и ja зацврстува нoвата национална свест.

„Англичаните сепак беа џентлмени па кога заминуваа од таму, на Ирците им го оставија својот јазик на користење. А тие толку го усовршија што ги имаат напишано некои од најдобрите страници литература на англиски. За тоа досега имаат добиено 4 НОбелови награди, што Ирска ја прави земја со најмногу Нобелови по глава на жител“, пишува Новачиќ.

Текстот за ирскиот јазик го завршува со најновата лудорија на некои српски лингвистички балвани кои тврдат дека ирскиот јазик е модификуван српски, за што наведуваат дека двата јазика имаат преку 600 заеднички зборови.

„Србите не само што ги научиле Ирците да зборуваат ирски, туку според една хипотеза, ги имаат научено да играат и српско оро, кое овие подоцна само го забрзале и го нарекле Риверденс. Она што со сигурност може да се каже дека првите српски мисионери во Ирска мора да дошле од околината на Ниш. Доказ за тоа е фактот дека ирскиот јазик има само два падежа,“ се зеза Новачиќ.

 

20 септември 2018 - 16:57