Во 1939 германскиот научник Франц Мулер ја претставил првата епидемиолошка студија која го поврзува пушењето и ракот. Неколку години подоцна уште двајца германски професори го потврдиле неговиот наод, и за прв пат јавно излегле со неотповиклив став, дека пушењето цигари е директна причина на ракот на бели дробови.
Истовремено, за прв пат е откриено и штетното влијание на „пасивното пушење", и е создаден самиот термин. Роберт Проктор, автор на книгата „Нацистичката војна со ракот" и истражувач на Универзитетот Станфорд, вели дека овие резултати не можат да бидат одделени од контекстот во кој настанале.
Според него овие статии треба да се читаат и како политички документи, „производ на нацистичкиот идеолошки фокус на тутунот како коруптивна сила чија елиминација би служела на каузата на расна хигиена". За Германците, накратко, натчовекот нема цигара во уста.
Пред 1900 ракот на бели дробови бил екстремно редок во светски рамки, но до 1930-тите стапката на ваквиот вид рак значително пораснала. Токму тоа и била една од причините за овие истражувања, финансирани од Институтот за борба против тутунот, воспоставен во 1941 и контролиран од канцеларијата на самиот Хитлер. Институтот бил раководен од Карл Астел, доктор и високо рангиран СС офицер, како и ревносен антисемит.
Некои од активностите на Институтот вклучувале печатење и дистрибуирање памфлети и статии за штетноста на тутунот, кои вклучувале и збирка на ставови на големиот Гете по ова прашање. Но антипушачките мерки не биле ограничени само на универзитетите и лабораториите. Пушењето не било охрабрувано на работното место, а било забрането во кино сали и во училишта. Полицајците и службениците не смееле да пушат во униформа, а на жените не смеело да им се продаваат цигари во кафеа и на други јавни места. Рекламирањето цигари било исто така забрането.
Самиот Хитлер често истакнувал дека ги оставил цигарите во 1919, и дека неговите колеги фашисти Мусолини и Франко исто така биле непушачи, за разлика од непријателот, олицетворен во пушачите Черчил, Сталин и Рузвелт.
Големата кампања на нацистите вклучувала и психолошко советување, никотински мастики, методи за цигарите да имаат гаден вкус, со користење сребро нитрат за испирање на устата и инекции од хемикалија која споена со состојките на цигарите произведувала непријатно чувство.
Поствоените научници главно го ингорирале трудот на претходниците, а некои од нив и воопшто не знаеле за него. Десетици години покрајот на Втората светска војна Американското здружение за рак објавил студии кои ја потврдуваат врската помеѓу ракот на бели дробови и пушењето, како и ризикот од пасивното пушење. Во 1971 британскиот епидемиолог сер Ричард Дол добил витешка титула заради ваквите истражувања.
Проктор вели дека ваквата практика на нацистите не значи дека тие треба да бидат славени на кој и да е начин. Не е поентата да се покаже дека антитутунската кампања на денешницата има фашистички корени, или дека јавното здравје е тоталитарно. Едноставно се работи за научни истражувања кои времето покажало дека се валидни.