Кина отвори подводен дата-центар за ВИ

Додека големите компании од Силиконската долина бараат локации, струја и вода за своите огромни погони за ВИ, Кина веќе го отвори подводен центар за податоци, целосно под вода, природно разладуван од морето и напојуван со струја од ветерници над површината. Изградбата е поскапа, но таквиот систем долгорочно заштедува една четвртина од струјата.

Центарот Шангај Линганг, изграден со домашна технологија, почна со работа при крајот на мај. Лоциран десетина километри од брегот на Шангај, има релативно скромен капацитет за генерирање 24 мегавати струја, доволно за напојување на околу 20.000 домови.

Основната иновација е директното поврзување со генераторот. Струјата произведена од ветерните фарми над површината директно се пренесува до модулите за податоци потопени под морето преку фотоелектрични композитни кабли, заобиколувајќи ги традиционалните системи за рутирање на мрежата.

Системот, исто така, ја користи морската вода како природен извор на ладење преку дизајн со циркулирачка бакарна цевка за размена на топлина, намалувајќи ја потрошувачката на електрична енергија за 22,8%. На тој начин целосно е елиминирана потребата за црпење свежа вода, оставајќи ја достапна за урбаните средини и земјоделството.

Овој инженерски подвиг го одразува и напорите на Кина да ја зајакне енергетската инфраструктура и капацитетот за компјутерска обработка на податоци со ниска латенција и висока густина, кои се неопходни за брз и одржлив развој на вештачката интелигенција. Шангај денес е главен кинески центар за ВИ, дом на фирми што развиваат големи јазични модели, алатки за автоматско управување возила, биотехнолошки истражувања, финансиски технологии и роботика.

Врската со генераторот е особено важна, бидејќи проекциите укажуваат дека за ладење на дата-центрите на копно ќе се троши повеќе струја отколку за домаќинствата и бизнисите во градовите.

Конвенционалните центри за податоци обично користат за ладење околу една третина од нивната вкупна потрошувачка на електрична енергија. За подводен центар за податоци од ист обем, само 10% од струјата се користи за ладењето, објаснува Ли Жен, професорот на Универзитетот Цингуа.

Тој додава дека кинеските центри за податоци моментално трошат околу 250 милијарди киловат-часови електрична енергија годишно, од кои околу 80 милијарди kWh се користат за ладење.

Ако центрите од ист обем се постават под вода, потрошувачката на ладење би можела да падне на околу 30 милијарди kWh, дури и ако се дозволат дополнителни трошоци. Тоа би заштедило околу 50 милијарди kWh електрична енергија секоја година. Тоа би било еквивалентно на несогорување 15 милиони тони јаглен, што значително би ги намалило емисиите на штетни гасови во атмосферата, вели Ли.

9 јуни 2026 - 08:10