Во соработка со една компанија која изработува индивидуални генетски профили на луѓето за да ги дознаат своите корења, Спотифај од неодамна почна да нуди плејлисти прилагодени на нечиј генетски отисок: какви сè предци имаш, таква музика добиваш (Ед Ширан за англискиот дел од тебе, Ому Сангаре ако имаш нешто од Мали итн).
Кога Американците го пропуштија последното светско првенство во фудбал, на фановите на спортот им беше понудено да состават своја репрезентација, базирана на нивните генетски корени. А на оние кои ќе го откријат потеклото на своите гени, им се нудат посети на местата од кои потекнуваат. Се разбира, во соработка со туристичка агенција која фино профитира од тоа.
Во последните две години во САД е манија за дознавање на својот ДНК и своите корени. 15 милиони луѓе имаат дадено плунка за да го дознаат тоа. Успехот се должи на вештиот маркетинг кој дава идеја дека дознавањето на сопствениот ДНК е важно за некој човек, за неговиот идентитет, за неговата суштина. Не ќе да е баш така бидејќи гол ДНК ама баш ништо не ти менува во животот. Седиш во Ајова на бензиска, го читаш својот ДНК извештај и гледаш дека 23 посто од тебе има германско потекло. И што со тоа? Ниту знаеш германски, немаш ниеден германски обичај, не ја познаваш германската храна, немаш идеја кои се ДАФ. Можеш евентуално само да купиш германски кожни панталони и да продолжиш да си седиш на бензинската. Тука те чекаат, нормално, со понуда на кожни гаќи.
Кај Американците особено задоволство предизвикувало откривањето на домородните - читај: антички, стари скопјани - корени. Сакаат да се барем делумно Индијанци, за да се палат на долговечноста на нивната лоза на американско тло. Од друга страна, нео-нацисти преферираат да најдат европски корени за да ја докажат чистотата на својата раса.
„Еве и да ја докажат својата домородна крв, моето прашање е: кому му е гајле? Во индијанските племиња и онака примаат само со идентификација на роднина од племето. Ако постои конкретен предок кој има живо семејство, тогаш може. Но ако нема никој во племенската заедница кој ќе го потврди тоа, тогаш твоето индијанско потекло навистина не значи ништо“, вели професорката Ким Табера од Алберта.
Има и досетливи примени на тој ДНК профил. Во 2014, извесен Ралф Тејлор, ја има тужено својата осигурителна компанија дека го дискредитирала бидејќи е малцинсто. За да го докаже својот малцински статус, Тејлор (инаку бел ко креда) го цитирал својот личен ДНК профил по кој, иако е 90% белец, имал 10 посто суб-сахарски и индијански корени.
Се разбира, генетското мапирање може да е многу корисно и плодно ако е поврзано со вистински мотиви. На пример податокот дека денешните афро-американци во просек имаат 24% европско потекло, говори доста за наследството од силувањата и ропството сторени во име на белата раса.