Набљудувањето на Венера од земјените телескопи е невозможно слично како да сакаш да видиш каква фризура има шоферот на колата која кон тебе има вперено долги светла. Планета е едноставно премногу осветлена поради одбивањето на сончевите зраци од нејзините густи облаци.
Во таа обвивка неодамна беше откриен фосфин, гас кој го имаме на Земјава и кој овде го произведуваат микробите, што сугерира дека и таму можеби е исто. А можеби не е а гасот е резултат на некоја егзотична хемија, бидејќи гео-хемијата на Венера ни е апсолутно непозната.
Лесно е да се каже - одиме. Тоа е планета на која температурата е 464 степени а притисокот 89 пати поголем од нашиот. Само Советскиот сојуз успеа да слета нешто на нејзината површина - Венера 13 која издржа 127 минути пред да се распадне. Не е лесно на гласачите да им се каже дека ќе им потрошите стотици милиони долари за нешто кое може да трае само пар часа и да не даде никакви резултати.
Орбитерите се нешто покорисни. Еден таков ја набљудуваше Венера осум години додека не изгуби контакт со Земјата. Во моментов, Венера ја опсервира само јапонскиот орбитер Акацуки но тој ги нема потребните инструменти за расветлување на новооткриената мистерија.
Надеж се полага во семплирањето, односно земањето примероци од атмосферата и нивно враќање на анализа. Во таа насока НАСА има два големи и надежни проекта (ДАВИНЧИ+ и ВЕРИТАС) за чија иднина ќе се решава следниот април.
Најрано можеме да пратиме извидница во 2026 година а лансирни прилики за Венера (кога таа е најблиску до Земјата) се отвораат на секои 19 месеци.
Дури и да не се открие живот на Венера, нејзиното запознавање ќе биде корисно бидејќи се работи за планета близначка на Земјата. Двете се формирани на речиси ист начин и интересно е да се дознае како тоа завршија толку различно.