Треба Шазам за бебешки плач?

Секој кој пораснал деца, или кој во моментов поминува низ таа фаза, знае што значи бебето да ти плаче а ти да немаш појма што му е. Досега имаше две опции: да дијагностицираш дека или му се јаде или му се спие или пак да прибегнеш кон старата мудрост „остај го, ќе преплаче“. Сега се најавува нова можност - плачот да се преведе.

Искусните медицински сестри и педијатри (и по некоја баба), можат да идентификуваат зошто бебето плаче врз основа на своето големо искуство. Личуан Лиу, професорка по електро инженерство на универзитетот во Северен Илиноис зборувала со голем број од нив пред да започне истражување на бебешкиот плач, а она што го дознала е дека звукот на плачот содржи одредени информации, меѓу кои и такви кои сигнализираат болка или непријатност.

Така, нејзина првична цел станало да ги идентификува истите. Со оглед на тоа што овие елементи вклучуваат разлики во висината на тонот и во неговата фрекфенција, тимот развил алгоритам заснован на автоматско препознавање на говор, или како што го нарекуваат „алгоритам за препознавање на јазикот на плачот“, кој бил трениран на снимки од бебешки плач од неонатална интензивна нега. Притоа е користен процес кој реконструира сигнал врз основа на некомплетни податоци, што е неопходно за идентификување звуци во бучни околини. Тој може, на пример, да идентификува бебешки плач дури и ако во позадината има гласни звуци од телевизор или говор на возрасни. Со класифицирање на различни својства на плачот, алгоритамот може да сугерира дали тој се должи на болка, болест или некаква мачнина, и да го идентификува степенот на итност.

На искусни педијатри и медицински сестри им биле пуштени 48 снимки од бебешки плач, а тие требале да проценат дали станува збор за глад, умор, гасови и сл. Потоа овие проценки се споредени со „преведувачот“ односно со алгоритамот. Тој се поклопил со човечките претпоставки во 70% од случаите.

Лиу се надева дека со партнер во индустријата ќе може да развие машина за препознавање на бебешки плач за новите родители. Таа и нејзиниот тим веќе аплицирале за патент. Разбирањето на тоа дали станува збор за обично кењкање или за вистински проблем во некои ситуации може да значи спасување живот. Таканаречените „невообичаени плачливи сигнали“ кои сигнализираат опасност често се многу високи и многу гласни споредено со обично плачење. „Преводот“ може да се користи како прелиминарно дијагностичко средство, но и како знак за докторите во болнички услови на кои бебиња им треба итна помош.

Сето ова е поврзано со прашањето на развивање вештачка интелигенција за детектирање човечки емоции, што се уште претставува голем предизвик. Лиу и тимот имаат намера на алгоритамот да му додадат и елементи за идентификување и класифицирање на движења и изрази на лицето, што значи дека „преведувачот“ ќе треба да биде тестиран во живо, а не само врз основа на аудио снимки.

********

Иако оние 70% не звучат лошо, искуството вика дека во 90 посто случаи плаче или од што му се јаде или од што му спие. Од жал за Деспина ли ќе плаче?

.

4 јули 2019 - 14:47