Во рамките на хелсиншката дизајнерска недела, финска градежна компанија објави натпреварување на проекти на тема: Како изгледа логистичкиот центар на Дедо Мраз од кој тој ги води своите операции.
Иако темата е будалеста, со свои проекти се пријавиле преку 250 архитекти од цел свет.
Победници се двајца романски архитекти во чија визија "штабот на Дедо Мраз дење е невидлив а ноќе се појавува, баш како и Дедо Мраз." Тоа го имаат изведено со стаклени фасади и проектори со кои покрива фасадата со слики потребни да се постигне саканиот ефект.
Второто место оди за двајца архитекти од Полска кои домот на Дедо Мраз го имаат замислено како гигантски хокеарски пак, со снежни ѕидови по кои може да се пентарат луѓе, како во Game of Thrones. Објектот се топли со соларни панели на кровот.
"Финска е претежно рамна земја па сакавме на луѓето да им дадеме шанса да уживаат и во овој зимски спорт", објаснуваат Полјаците
Посебна награда, и тоа за комплетно игнорирање на натпреварувачките упатства добил проектот за Планетарната градина на Дедо Мраз. Според оваа идеја, како еколошки освестен тип, Дедо Мраз веќе ја напуштил старата работа да талка по светот во црвено бела облека и главно да рекламира газирани напитоци и наместо тоа денес се занимава со градинарство.
Парите не се многу (1.220 долари за првонаградените) па архитектите работеле чисто заради занимливиот професионален предизвик. Повеќе интересни работи, на сајтот на конкурсот.