Прашањето на вредноста на некое дигитално уметничко дело се решава на ист начин како и кај традиционалната уметност - нешто вреди онолку колку што е некој спремен да плати.
Најмногу "фала му на бога за тоа" има право да каже Џеф Кунс, американскиот уметник чија челична верзија на "Куче балон" лани беше продадена за рекордни 58 милиони долари, најмногу што во историјата добил кој било жив уметник за некое свое дело.
На трошки од оваа фрапантна купопродажба се надева уметникот Мајкл Грин со свое гиф видување на кучето балон.
Неговото дело се вика "Издишување на кучето балон" и беше понудено на Ибеј првично за 2.000 долари. Откако не се најде купец, "во знак на почит на оригиналот' (хмм) Грин ја покачи цената на 5,800 долари.
А не дека уметникот не се потрудил да смисли уметничко кредо на своето гифче, претставувајќи го како промена на парадигмата.
"Самото издишување на балонот е став за рушење на традицијата на модерната уметност и исчекор во следната фаза, дигиталниот медиум. Физичките музеи се мртви, интернетот е музејот на 2014-тата. Уметноста ги исцрпи своите постмодернистички експресии и време е да се создава уметност која го презентира времето во кое е создадена, време во кое сè се наоѓа во интернет облаците. Издишувањето на кучето балон е збогување со оптимизмот на Кунс и обележување на еден нов оптимизам" манифестно ќе каже Грин за својот гиф.
Засега, никој не трзнал. Можете да го имате неговото дело за само 5.800 долари тука, или пак бесплатно со десен клик/сејв на горната слика.