Само една третина од денешното човештво ќе го смета 1 јануари за почеток на новата година. Се проценува дека на тој датум ќе има околу 80 милиони луѓе повеќе отколку на први јануари 2018-та година, кога имаше 7 милијарди 591 милион 541 илјада луѓе на оваа планета. Христијани има околу 2,3 милијарди, муслимани 1,6 милијарди, хинду 460 милиони, будисти 360 милиони што заедно прават 4,720 милијарди а тоа значи дека во сметката не се влезени повеќе од 2,871 милијарди луѓе.
Бројкиве се чисто заради контекст, можеби за ронка да сме поскромни кога во име на „планетарниот“ настан ќе ја претераме. Поскромни не само заради оние кои слават на други датуми туку и заради оние кои немаат сила или причини да слават.
Веројатно најуниверзалниот генијалец на сите времиња кој беше сликар, скулптор, архитект, иноватор, астроном, анатом и уште триста други работи, Леонардо од селото Винчи, цел живот водел дневник (во него се насобрани над 6.000 страници) и на многу места се прашува што тоа ние воопшто исчекуваме?
„Чекајќи нова пролет, па после лето, човек не забележува дека притоа го посакува сопственото распаѓање. Меѓутоа, токму таа желба е квинтенсенција на сите елементи кои се чувствуваат заробени во душата и телото на човекот и се надеваат дека ќе му се вратат на оној кој таму ги има пратено. Сакам да знаеш дека токму таа желба е вистинскиот дух на природата а човекот е модел на космосот“.
Стари обичаи
Свечена прослава на Новата година за христијаните е релативно нова мода. Големиот зимски празник е Божиќ, оној кој е близок до краткодневницата, за која секогаш се врзувале некои празници, без разлика на религијата. Кај старите Словени за тоа се одговорни синовите близнаци на Дажбог (Дајбог, Дабог). Од стара Грција има една језива легенда: за да ја благослови првата бразда повлечена во нивата, кралицата легнува во неа и има секс со момче. Неговото семе се положува покрај семето на пченицата а неговото семејство потоа систематски се убива.
Стариот Рим новата административна година ја започнувал на 15 март но тоа се менува 153 години пред новата ера и се преместува на 1ви јануари кога новите конзули ги преземале должностите. При таа промена забораваат да ги сменат имињата на месеците па септември останува како седми, октомври како осми, ноември како деветти а декември како десетти месец (septem, okto, novem, decem) иако ги носат дресовите со број 9, 10, 11 и 12.
Балкане мој
Први податоци за прослава на Нова година, Иван Ивањи наоѓа во магазинот „Видело“ од 1850 година. 40 години подоцна се наоѓаат и огласи за пречек во кафана, со музика и певаљки. Газдата на кафаната Мањеж го пушта следниов оглас:
„Прасе и мисирка на лотарија. Крофни со наполеони. Во горната сала лумперајкa, во долната игранка. Музика и песни без критика. За посета ве замолува Милан Биџа.“
Украсувањето елки по домови почнува во 16 век како протестантски обичај кој католиците на почетокот го отфрлаат. Елките ги заменуваат дабовите бидејќи подолго издржуваат на топло и поубаво мирисаат. Православното христијанство го презема палењето дабови гранчиња од дамнешни времиња.
Во Рим менувањето на годината масовно се проследува со молибдомантија, гледање на олово. Се топи во лажица над свеќа, се фрла во вода и добиените стврднати форми после се тумачат. Го има тоа уште и кај нас иако ЕУ во оваа 2018 година, покрај сите други работи, тоа го забрани, заради отровноста на оловото.
Нова 1441 година
Муслиманите својата 2019 година ќе ја дочекаат на 1 септември, не на полноќ туку на заоѓање на сонцето и за нив таа ќе биде 1441 година. Важен празник е тоа бидејќи се обележува хиџра, денот кога пророкот Мухамед со своето семејство се префрлува од Мека во Медина.
Нова 2561 година
Толку години има поминато од смртта на принцот Сидарта Гаутама, кој го остава раскошниот живот и почнува да го подучува народот како Буда, што на санскритски значи Просветлениот. Датумот не е единствен за сите будисти, може да е на први јануари, а може и на денот на првата пролетна полна Месечина. По храмовите тоа се слави со богата (веганска) софра а централното место во храмот е купче песок, затоа што поединечно како луѓе сме безначајни како зрна песок, ама заедно можеме да бидеме големи.
Кинеска Нова година
Полесно е да се опишат обичаите отколку методологија по која се пресметува. На 5 февруари 2019 година ќе заврши годината на кучето и ќе почне годината на свињата (јуху!). Подготовките за пречекот почнуваат две недели порано, се чисти куќата и се украсува со бамбусови гранки, се бесат црвени лампиони а на влезната врата со златни букви се испишуваат добрите желби. Вечерта се јаде риба и пилешко, се пали сутлијаш како жртва на богот на готвењето, за следната година да биде добронамерна кон куќата. Посебно е битно новата година да биде дочекана во кругот на семејството Во 2017 година биле забележани една милијарди патувања со авиони, возови и бродови со иста цел, луѓето да стигнат дома.
Дали ќе ја дочекате дома, надвор или понадвор, среќна нова 2019 година.