Дистрибуцијата на богатството следи добро позната шема, нарекувана „правилото на 80:20“. Ова подразбира дека 80% од богатството е во рацете на 20% од луѓето на планетава. Зумирањето во реалноста е уште подраматично: само осум луѓе поседуваат богатство еквивалентно на сето она што го поседуваат најсиромашните 3.8 милијарди луѓе во светот.
И ова важи за сите општества, на сите нивоа. Станува збор за добро проучен модел наречен „закон на степен“ (power law) , кој е поврзан со широк опсег социјални феномени (распределба при која променливата - во случајов богатството - е поврзана со бројот на луѓе што го имаат преку некаков степен). Дистрибуцијата на богатството притоа е меѓу најконтроверзните теми поради прашањата кои ги покренува, меѓу кои она за правичноста и заслугата. Зошто толку мал број луѓе би биле толку богати?
Вообичаениот одговор е дека живееме во меритократија во која луѓето се наградувани согласно нивните таленти, интелигенција, напори итн. Како што обично се мисли, со текот на времето ова се пресликува врз дистрибуцијата на богатство, иако и некоја здрава доза среќа може да игра улога.
Но со оваа идеја има еден проблем: иако распределбата на богатство навистина го следи „законот на степени“, онаа на човечки вештини е тн. „нормална“ или огледално-симетрична. Еден пример е интелигенцијата, која според резултати од тестови, ја следи оваа шема. Просечниот IQ е 100, но никој нема 1000 или 10.000 IQ.
Истото важи и за напорот, мерен преку работни часови. Некои луѓе работат поголем број часови од просекот, а некои помалку, но никој не работи милијарда часови повеќе од некој друг.
Па сепак, кога станува збор за награда за работата, неколку луѓе навистина имаат милијарда пати поголемо богатство од другите. Уште повеќе, бројни студии имаат покажано дека најбогатите луѓе не се генерално најталентираните по други основи.
Тогаш, кои фактори одредуваат кои поединци стануваат милијардери? Дали е можно среќата да игра поголема улога отколку што се претпоставува? И како можат овие фактори, кои и да се, да се менаџираат на таков начин за светот да стане подобро и поправично место?
Алесандро Плучино од Универзитетот Катанија во Италија и неговите колеги можеби го имаат одговорот. Тие создале компјутерски модел на човечкиот талент и начинот на кој луѓето го користат за да напредуваат во животот. Моделот овозможува да се истражи улогата на среќата во овој процес.
Резултатите се изненадувачки. Нивните симулации точно ја репродуцираат распределбата на богатство во реалниот свет. Но најбогатите поединци не се најталентираните (иако мора да имаат барем одредено ниво на талент). Она што ги одделува нив од другите е што имаат најмногу среќа. И ова има значајни импликации кога станува збор за начините на кои општествата можат да ги оптимизираат приходите кои ги добиваат од вложувања во сè, од бизнис до наука
Моделот е прилично јасен. Тој се состои од N (број на луѓе), секој со некакво ниво на талент (вештини, интелигенција, способност инт.). Овој талент е дистрибуиран нормално околу некој просек, со стандардна девијација. Така, некои луѓе се поталентирани од просекот, а други помалку, но масовни отстапувања нема. Истиот вид распределба важи и за човечките вештини, или карактеристики како висина или тежина. Некои луѓе се повисоки или пониски, но никој не е мравка или голем колку облакодер.
Потоа компјутерскиот модел симулира работен век од 40 години. Во текот на ова време, поединци на моменти имаат среќа, односно им се пружа шанса да го зголемат своето богатство ако се соодветно талентирани. Секако, истовремено можат да доживеат и несреќи, кои го намалуваат нивното богатство. Овие настани се појавуваат случајно.
На крајот од 40-те години, Плучино ги рангирал овие поединци по богатство и ги проучил карактеристиките на најуспешните и ја пресметал распределбата на богатството. Симулацијата е правена многу пати за да се одбегнат грешки.
Кога тимот ги рангирал поединците по богатство, важело погоре опишаното правило на 80:20. Но максималниот успех никогаш не коинцидирал со максималниот талент, и обратно. Она што било одлучувачко бил бројот на „среќни“ наспроти бројот на „несреќни“ настани, и начинот на кој првите биле искористени.
Ова тимот го искористил за да даде одговор на прашањето - кој е најдобриот начин за максимизирање на приходот од инвестирање во научниот свет? Биле проучени три модели, во кој истражувачките фондови се распределени еднакво на сите научници; во кој тие се дистрибуирани случајно само на одредени научници; или им е дадена предност на оние кои се покажале како најуспешни во минатото.
Најдобра стратегија изглегла онаа првата - подеднакво финансирање на сите истражувачи. Поентата е дека сите тие во текот на кариерата имаат подеднаква шанса да дојдат до неочекувани откритија, се разбира, ако работат на тоа. Тоа што некој научник претходно направил значајно откритие, не значи дека ќе го повтори во иднина. Истото важи и за вложување во каков и да е бизнис, стартап, образование кое го поттикнува талентот итн. Излегува дека дури и во вакви области, кои тежат од рационализации и прецизни мерења, повторно најголема улога игра нешто кое ниту може да се рационализира, ниту прецизно да се измери.