Приказната за Меделин е често раскажувана и генерално позната. Под страховлада на Пабло Ескобар, озлогласениот нарко-бос овековечен во серијата Наркос на Нетфликс, градот беше еден од најсмртоносните места за живеење на светот во 80-тите и почетокот на 90-тите години од минатиот век. А потоа некако стана „еден од најиновативните“ градови кои „служат за пример“.
Алатките за трансформацијата се сложени но еден од главните драјвери било тоа што локалната власт се има фокусирано на промена на социо-културниот наратив на градот и јакнење на културата на граѓаните, особено кај заедниците кои претходно биле физички и социјално исклучени од урбаниот тек.
Се разбира, тоа било можно само со долгорочен план во чиј центар била културата: градење библиотеки и паркови, овозможување на уметноста, создавање транспортна пристапност за заедниците распослани на ридовите околу градот.
Културата која вклучува „уметност и литература, стилови на живеење, системите на вредности, традиции и уверувања“ е еден потценет елемент во обвновата на градовите погодени од катастрофи, војни и други форми на урабно девастирање, вели и годинешниов заеднички извештај на УНЕСКО и Светската банка.
Со инвестирање во културни институции, простори и наследства можат да изградат мовчиња меѓу раскараните или отуѓени заедници во градот во пост-конфликтини урбани места и нивното закрепнување да го направат побрзо, поефикасно и пооддржливо. Големи инвестиции во културата се исплатливи и затоа што градот го прават поатрактивен за дополнителни инвестиции и туризам.
Притоа, авторите на извештајот велат дека такви инвестиции во кои спаѓа и опипливата култура (споменици, религиозни места, заштитени локации) и онаа неопипливата (уметност, традиционални вештини и занаети и други форми на локално знаење) се круцијални за обнова на градското ткиво и сопствениот имиџ.
Освен Меделин, анализирани се и сличните трансформации на Сеул (по Корејската војна), Мостар (по војната во БиХ) и Катманду ( после земјотресот од 2015 година). Конкретно за Меделин, духот на градот бил закрепнат со охрабрување на панк музиката (слично на примерот на Ријека), брејкденсот и сликањето мурали.