Летна првата глава на CNN

Без вадење и објаснување, претседателот на СиЕнЕн, Џим Волтон, комплетно ја прифати одговорноста и поднесе оставка заради нискиот рејтинг на телевизијата, порачувајќи дека на организацијата и е потребно "ново размислување."

Ситуацијата околу Волтон е компликувана, бидејќи иако СиЕнЕн го има најнискиот рејтинг во последните 20 години, компанијата сепак прави рекордни профити. Април беше месец со најлош рејтинг на СиЕнЕн во последните 10 години, целата работа стана многу полоша во јуни кога рејтинзите се симнаа на ниво на 1991-ва. И покрај сето ова се очекува дека СиЕнЕн годинава ќе заработи околу 600 милиони долари.

"На СиЕнЕн му е потребно ново размислување. Тоа започнува со нов лидер кој ќе донесе различна перспектива, поинакви искуства и нов план, некој кој ќе продолжи да гради на нашите темели и ќе се посвети на завршување на работата. Јас сум подготвен за промена," порачал Волтон во писмото до вработените.

Една од причините за слабите резултати на СиЕнЕн е што нивниот рејтинг се споредува со рејтингот од истиот период лани, кога телевизијата имаше материјал за работа како убиството на Бин Ладен, Арапската пролет и повеќе природни катастрофи.

И покрај просторот што го има за задржување на позицијата, Волтон уште на почетокот од годинава разговарал со претседателот на Турнер Бродкастинг, Фил Кент, за напуштање на позицијата. Тој ќе остане во компанијата до крајот на годината, рок во кој треба да се најде негов наследник.

Волтон почна да работи во СиЕнЕн во 1981-ва како приправник задолжен за собирање на вестите од телекс и управување со "идиотот" за спикерите на вести. Во 2003-та, тој стана претседател на телевизијата, во период на ниски рејтинзи и финансиски загуби. Од тогаш до сега Волтон за три пати ја зголеми заработувачката на СиЕнЕн.

28 јули 2012 - 14:03