Има (ли) надеж за BBC

Корпоративни штакори во BBC пред некој ден решија да скинат од репертоар епизода од познатата хумористична серија „Фаличниот пансион“ оценувајќи дека има расистички навреди. Откако нејзиниот автор, монтипајтоновецот Џон Клиз ги направи пуздер, решија да ја вратат епизодата. 

На стриминг платформата на британскиот државен бродкастер, УКТВ, повторно може да се гледа епизодата „Германците“ од популарниот ситком од 70-тите години „Fawlty Towers„ (за помладите: „Преспав“). „“Не ја спомнувајте војната!“ вреска во неа намќорестиот сопственик на пансионот (го игра Џон Клиз) кога му доаѓа група германски туристи. Епизодата беше цензурирана затоа што имала „расистички навреди“, веројатно заради забелешките на старото дртало Мејџор Гоуен (го игра Балард Беркли) на сметка на крикет екипата Вест Индис.

Џон Клиз брзо успеа да го најде точниот збор за да ги опише оние кои во една суштинска критика на расизмот гледаат расизам: глупи.

„Некои од нас разбираат дека ако ставиш идиотски зборови во уста на некој лик, не значи дека ги промовираш туку дека сакаш тој лик да го исмееш,“ мора на стари години да објаснува Клиз.

Тој жестоко го критикуваше менаџментот на ББЦ што ја свиткал кичмата под глобалниот тренд за отстранување на „проблематични“ телевизиски и филмски содржини. Иако ги подржува суштинските елементи на БЛМ (Black Lives Matter), Клиз смета дека безвезни дебати за проблематични содржини се комплетно изместување на проблемот и залудно трошење енергија во борбата против расизмот.

„Во моментов ББЦ го води една мешавина од безначајни бирократи и маркетинг фаци. Одлуката ја имаат донесено само за да не ја загубат работата. Кукавички, цвикаторски и одвратно,“ вели Клиз.

А на Твитер објави едно свое  видео за кое кажа дека е тешко да се каже дали е снимено пред 30 години или пред 10 минути.

*******

Од "спорната" епизода:

 

 

13 јуни 2020 - 19:56