По скоро 150 години непрекината работа, циркусот Ринглинг Брос Барнум и Бејли планира да го затвори „Најголемото шоу на Земјата“. Причина - луѓето престанаа да одат во циркус. Сега сите се на интернет.
Според официјалниот сајт на компанијата-продуцент на шоуто, последната претстава на Ринглинг Брос и Барнум Бејли ќе се одржи во мај оваа година. Одлуката за затворање на циркусот е донесена поради високите трошоци и падот на продажбата на билети, особено по „преквалификувањето“ на славните циркуски слонови. Тие се исклучени од програмата поради „јавната грижа“ околу нивното ментално и физичко здравје и под притисок на организациите за заштита на животни. Последното шоу со слонови се одржа во мај минатата година, пред целосното пензионирање на животните во конзервацискиот центар на компанијата, кој е отворен во Флорида уште во 1995.
А што е циркус без слонови? Особено земајќи го предвид тоа што точките со ова животно се стари колку и Ринглинг Брос и Барнум Бејли, од моментот кога Финеас Тејлор Барнум на публиката ѝ го претставил Џамбо, азиски слон, во 1882.
Циркусот најпрвин бил патувачки спектакл на животни и необични човечки примероци, а откако нему му се придружиле и петте браќа Ринглинг со нивните акробации, била родена модерната верзија. Во моментов во него има 500 вработени, кои наскоро ќе останат без работа. Истата компанија што го води циркусот организира и други патувачки шоу програми со поголем успех, како Марвел Јуниверз лајв и Дизни на мраз.
Деца, вака изгледаше тоа што старите го викаат циркус:
Во чест на чика Владо, кој го поштуеше Балашевиќ: