На 11 септември 2008-ма година, на неговиот 43 роденден, Моби лежи на тротоарот пред неговата куќа во Њујорк, немоќен да направи уште десетина чекори за да се прибере дома, покриен во сопствените повраќаници, патетично цмиздрејќи на песна од Џој Дивижн која одела од неговиот телефон. Му станува јасно дека конечно доаѓа до самото дно (јер не знае дека под него се рударите).
Роден како Ричард Мелвил во 1965 година, Моби раскажува за последнава деценија на трезност која следува брзо по оваа епизода, во мемоарите (“Then It Fell Apart” Faber & Faber,) кои треба да излезат на седми мај 2019.
Неговиот албум од 1999 година “Play” неочекувано станува блокбастер освојувајќи ги врвовите на европските тол листи и постигнувајќи тираж од продадени 2 милиона копии во САД. Одеднаш Моби на сите им е во уста а тој првпат ја вкусува славата кога после настап во Остин, Тексас, му викаат дека во бекстејџ го чека Натали Портман.
„Одев натаму сигурен дека се работи за недоразбирање кога, оно стварно, Натали Портман трпеливо ме чека баш мене. Ме поздрави како да е нормално филмски ѕвезди да доаѓаат на моите настапи“.
Почнуваат да се забавуваат и за пар недели ете ги двајцата фатени за рака на црвениот тепих на доделувањето на МТВ наградите.
Врската брзо прекинува, тие остануваат пријатели а Моби веќе е во А -класата. Кога имал турнеја по Австралија, Портман му ги носи сите ѕвезди од Старворс на гости. Моби се запива со Јуан Мекрегор, оди во веце кога таму Расел Кроу а тој, без никаков увод, го набива на ѕид и почнува да му се дере.
„Ама јас и ти се немаме ни сретнато, што ми се дереш?“, прашал Моби а на Расел, како што му дошла, нервозата така и му отишла па во еден момент го оставил Моби на раат и си излегол од вецето без да има потреба да се објаснува.
„Ич да не се секираш, тој на сите им се дере,“ му објасниле после на шанк луѓето од филмскиот свет.
Моби почнува со две-три пијачки на вечер, па „напредува“ до 10-15. Месеци и години со 100 пијачки неделно почнуваат да го вадат лошото од него.
Со нож фрлал по својот пријател, сценаристот Џонатан Ејмс, „од што го сака“. Ја има згадено Шарлиз Терон и Џон Тејлор од Дуран Дуран со одвратностите на неговиот пријател Енди Дик. Возејќи се на јахта во полна брзина со некој источноевропски промотер/мафијаш, му рекол: „Знаеш што ќе биде јака финта? Да скокнам сега од овде“ и нормално, скокнал.
Пробал и озбилно да престане со пиење но сè некако налетувал на погрешни ликови за таква фаза: Томи Ли од Мотли Кру, Дајмбег Дарел и Вини Пол од Пантера, ликови од Хелс Енџелс. Оди не пиј кога таков „ангел“ ќе ти тутне пиво во рака и ќе ти каже: „Немој ти мене сега трезен да ми се правиш“.
Моби пробал и да се самоубие; една вечер си врзал ќеса на глава и легнал во кревет.
„Не знам како сум ја скинал ќесата ама, ете, се разбудив.“
Одел по концерти на своите пријатели и се гребел за дрога меѓу луѓето. Ѝ има прекинато настап на Деби Хари за од микрофон на сцена да им каже на њујорчани дека е разочаран од нив пошто само еден џоинт му дале фановите.
Сфатил дека нема уште многу повеќе што да сјебе кога му текнало дека претходната вечер, на некој вратар му го кажал она најсељачкото: „Знаеш ли бе ти кој сум јас?“
„Сум имал илјадници и илјадници мамурлуци ама тие почнуваа да личат како да ми го трујат самото ДНК. Не беа „лоши“ со мали букви, како на пример, си возел пар километри побрзо од дозволеното, туку „ЛОШИ“ во капс-лок, како да храниш бебе со бензин.“
Со очи кои едвај го читале текстот, ја слушал демо верзијата на својата песна “Wait for Me”, се расплакал и решил дека - „јас своето ги испив“.
“I’m gonna ask you to look away / This broken life I can never save / I try so hard but I always lack / Days are gray and the nights are black / Wait for me.”