Четириесетина организации за заштита на приватност и расна еднаквост потпишаа отворено барање до МГМ да го откажат реалното шоу „Ring Nation“, чија премиера е најавена за 26-ти септември, стравувајќи дека вакво шоу забрзано нè води кон дистопија во која ќе бидеме масовно набљудувани и контролирани од „тие што треба“.
Шоуто ќе следи реални ситуации на луѓе кои ја имаат инсталирано најпродаваната американска камера за на влезна врата, истоимената Ринг, која почнува да снима штом детектира движење, праќа телефонска нотификација до сопственикот, кој потоа, каде и да се наоѓа во светот, може да зборува со оној кој му е пред врата.
Продуцентите на шоуто уверуваат дека ќе се фокусираат на урнебесни или добродушни видеа и дека, како што е ред, ќе се користат само оние снимки за кои е дадена согласност на сопственикот на камерата (не и на оној кој е сниман).
Меѓутоа, овие групи се убедени дека идејата е многу лоша со оглед на тоа што Ринг има потпишано партнерство со околу 2.000 полициски департменти во САД, дека снимки од нивните камери веќе биле користени за да се следат активисти кои протестирале против убиството на Џорџ Флојд и дека во најмалку 11 документирани случаи, органите искористиле такви снимки без дадена согласност.
Сопственик на Ринг камерата е Амазон. Шоуто го продуцира МГМ кој од март годинава, за 8,5 милјарди долари е во сопственост на Амазон.