Фуџи се опорави поради ТикТокери

Јапонскиот Фуџифилм со години се обидуваше да се преориентира на здравство бидејќи продажбата на фотоапарати им беше „на апарати.“ Но откако млади ТикТокери го открија и инстантно се вљубија во еден нивен ретро дигитален фотоапарат, не успеваат да стигнат да произведат толку парчиња колку што ТикТокерите бараат. 

Ретро дигиталниот фотоапарат X100 на Фуџифилм постигна неверојатна популарност благодарејќи на што компанијата го ревитализираше производството на овие уреди, за кои побарувачката последните години сè повеќе тлееше.

Чини 1.599 долари и со својот изглед и перформанси совршено го има погодено вкусот на 20-годишни и малку постари обожаватели на социјалните мрежи.

Моделот X100V стана толку популарен што во фискалната година која заврши во март, оствари дури 37 отсто од вкупната оперативна добивка на компанијата.

Лани биле продадени сите парчиња по што компанијата го удвостручила производството, но и тоа се покажало како недоволно.

Основан пред 90 години, Фуџифилм со децении се тркаше со Кодак и успеа да го надмине во продажба дури во 2001 година. Но, кратко траеше уживањето во таа победа бидејќи нивната индустрија тргна надолу со омасовување на смартфоните.

За да преживее, Фуџифилм го искористи своето познавање на филмските хемикалии и почна да го применува во здравството, стратегија кон која прибегнаа и Канон и Олимпус. Фуџифилм не се откажа од производството на фотоапарати и камери, но укина 5.000 работни места во тој оддел и го пресели најголемиот дел од производството во Кина.

Продажбата на X100V сега им доаѓа како мелем за пополнување на дупките создадени во постпандемискиот пад на продажбата во здравствениот сектор.

29 јуни 2024 - 20:19