
Министерството за надворешни работи на Индија предупреди дека одлуката на Доналд Трамп да наметне такса од 100.000 долари за апликациите за визата Х-1Б, може да создаде „хуманитарни последици“ и да руши семејства.
Одлуката на Трамп претставува најдраматичната промена на оваа програма последниве децении; тоа е категорија визи на која во голема мера се потпираат индиските професионалци кои работат во технолошкиот сектор на Америка.
Претседателскиот указ предизвика хаос низ индиските заедници во САД и генерално во ИТ индустријата, при што илјадници носители на виза Х-1Б брзаа да се вратат во САД пред да стапат во сила новите правила. Во збрката на почетокот, кога не се знаеше дека новите цени ќе важат само за новите апликанти, големите компании издаваа упатства да не се напушта земјата или веднаш да се врати во неа.
Индија има особена причина за загриженост во врска со промените во политиката: Според Службата за државјанство и имиграција на САД, индиските државјани сочинуваат 71% од примателите на визи Х-1Б, и тие се убедливо најголемата група корисници. Втори се Кинезите со приближно 12%.
Доминацијата на Индијците е уште поизразена во технолошкиот сектор , каде што над 80% од работните места Х-1Б поврзани со компјутери се пополнети од индиски професионалци.
Амазон има најголем број иматели на Х-1Б визи, над 10.000, по што следува индискиот ИТ гигант „Тата консалтанси сервисис“, со приближно 5.500. Други големи корисници се Микрософт, Мета, Епл и Гугл, секој со над 4.000 иматели на вакви визи.
„Нема ниту една компанија во која сум инвестирал во последните 10 години што би можела да си дозволи да плати толку многу“, изјави приватниот инвеститор Алан Патрикоф.