Наполни 35 години па ќе збориме дали не си ја мразиш работата

По почетната неколкугодишна еуфорија дека си вработен и дека имаш плата а не џепарац, може да те стрефат две реалности: или нервоза и стрес од одговорноста на позицијата што си ја достигнал, или нервоза и разочарување дека не си достигнал никаква позиција. И сето ова некако кулминира на 35 години.

Блумберг пренесува една британска анкета во која секој шести вработен на возраст над 35 изјавил дека е несреќен на својата работа. Ова е повеќе од два пати од просекот на оние што се под 35 години. Кај генерацијата над 55 години една третина изјавиле дека не се чувствуваат почитувани на работно место, а 16% изјавиле дека немаат ниту еден пријател на работа.

"Доаѓа време во кое или си постигнал успех, или работата те прегорела, или преживеаното искуство ти кажува дека семејството е поважно.

Тогаш се прашуваш: За што го правам ова?," објаснува истражувачот од Бизнис школата на Манчестер, Кери Купер.

Едно од објаснувањата за ваквиот прелом е и тоа што една петина од постарите вработени во Британија веруваат дека работодавците не ги вреднуваат еднакво вработените од сите возрасти. Другата страна на ова тврдење е дека младите имаат пониски очекувања од работата, а поголеми надежи, и не се чувствуваат прегорени.

Предлог решенијата на Купер, инаку 77-годишен, за задоволни старки на работно место се: најди си другарче на работа, и почни повеќе да се фокусираш на лични проекти на работа кои со тек на време ќе станат твоја пасија.

 

23 август 2017 - 11:39