Многумина Американци замислуваат дека под мудрото раководство на Трамп ќе почнат да се враќаат американските фабрики кои минатите децении, заради поевтина работна сила и други бенефиции, беа преселувани во туѓина. Трамп во повеќе наврати рече дека неговото претседателствување ќе се памти по работните места, поконкретно по остварување на „смелиот план за отворање 25 милиони нови работни места следната деценија и враќање на старите добри и пристојно платени места на нашите брегови, заради поддршка на американската мануфактура, 'рбетот на нашата економија“.
Никој нема идеја како тоа Трамп мисли да го спроведе. А Џефри Сакс тврди и дека не може. Затоа што и да се врати некоја фабрика назад, таа нема да носи со себе толку работни места како што се очекува. Бидејќи во меѓувреме дејностите се автоматизираат и роботизираат. А и мануфактурата не е никаков 'рбет бидејќи во моментов вработува само 8% од Американците.
„Со приказната за враќање на старите добри работни места Доналд Трамп практично им продаде тешка лага на работниците. Со таа приказна тој го одврати вниманието од домашната ситуација во која дивее страшна нееднаквост во приходите. Таа приказна е резултат на неспособност да се говори за вистинските проблеми: даноците, редистрибуција на приходите, базични минималци и други политики кои во други земји одамна функционираат“, вели Џефри Сакс кој своевремено беше економски советник на Полска, Словенија, Естонија и Русија.
Новите работни места ќе бидат далеку од фабричките хали. Американската економија во извесна смисла е економија на луксузот, бидејќи постои доста слободно време, доста стари лица, доста лица на кои им треба некаква лична нега или друг сервис. Токму во областа на личните сервиси Сакс го гледа просторот за отворање нови работни места. Само што тие нема да бидат платени најдобро.
Професорот од Колумбија е голем поборник на моделите на Убер и Ер БнБ но вели дека луѓето кои партиципираат во нив во моментов се во лимбо, бидејќи ни компаниите ни државата не ја покриваат социјалната сигурност на таквите ангажмани.