Чувствувајќи од каде дува ветерот, фабричките работници на Хјундаи во Јужна Кореја гласаа да штрајкуваат поради страв дека би можеле да бидат заменети со хуманоидни роботи.
„Фајненшл тајмс“ објави дека вработените, кои се членови на Синдикатот на работници во корејската металургија, бараат да имаат право на глас во врска со сите обиди за автоматизација и распоредување на вештачка интелигенција.
Тие исто така бараат бонус за перформанси еднаков на околу една третина од годишниот профит на Хјундаи, што изнесува околу 27.000 долари за секој од 73.000 работници.
„Загрижени сме за сигурноста на нашите работни места поради роботите“, изјави член на синдикатот. „Вестите и видеата што покажуваат како роботите стануваат сè повешти ги прават работниците нервозни околу иднината.“
Нивните секирации имаат конкретна основа: во јануари, Хјундаи објави дека во 2028 година ќе распореди над 25.000 хуманоидни роботи изработени од Бостон Дајнамикс.
Синдикатот вети дека ќе се бори ниту еден робот да не биде распореден без договор со нив иако менаџментот им ветува дека роботите ќе се користат само за макотрпни и опасни задачи што луѓето не се расположени да ги преземат.