Шверцери со дронови испорачуваат штеки на домашна адреса

Во Европа шверцот на цигари лани значително се зголемил откако криминалните мрежи се преориентирале на модерната технологија. Големите магацини и транспортот во шлепери преку граници повеќе не им се исплатливи. Сега работат на ситно. Ги празнат магацините. Наоѓаат муштерии преку социјални мрежи и испорачуваат штеки со дронови на домашна адреса. 

Во 2024 година во 38 земји низ Европа нелегално биле доставени приближно 40 милијарди цигари. Тоа е зголемување од 11% во споредба со претходната година, покажува извештај на консултантската група KPMG, нарачан од Philip Morris.

За транспорт на големите пратки криминалните групи сè поретко користат камиони. Се преориентирале кон помали пакети, кои ги кријат во авиони на буџетски авиокомпании и во железницата.

За доставување на цигарите до крајните корисници, сега се заобиколуваат продавниците што продавале шверцувана стока под тезга. Мали пратки се испраќаат на домашна адреса на корисници, со кои се остварува контакт преку социјалните мрежи.

Оваа тактика почнала да се применува по 2020 година, кога поради пандемијата шверцерите ја приближиле својата мрежа до корисниците. Лани ги намалиле и залихите, за да го намалат ризикот од запленување големи количества.

Како причина за зголемувањетo на шверцот во извештајот е наведено и зголемувањето на даноците за тутунски производи и поскапувањето на цигарите во Франција, Холандија и во други земји.

Производителите на цигари се жалат дека високите даноци го поттикнуваат шверцот и предизвикуваат значителни штети на индустријата. Граѓански активисти и институции како Светската банка тврдат дека високите даноци го поддржуваат јавното здравје со намалување на потрошувачката на тутун и генерираат приходи за владите.

11 јуни 2025 - 11:25