Американ грин се согласи да плати 5 милиони долари за градот Ниптон во Калифорнија, а за парите добива површина од 48,5 хектари на која има училиште, хотел, минерални бањи и продавница.
Освен канабис преродбата на градот, се планира целиот да биде врзан и на обновлива енергија.
"Возбудени сме да го предводиме јуришот за вистинската зелена треска.
Канабис револуцијата што се случува тука во САД ја има моќта комплетно да ги ревитализира заедниците на ист начин како што тоа го направи златото во 19-от век," изјавил претседателот на Американ грин, Дејвид Гвајтер.
Ниптон за време на преземањето има вкупно 20 жители. Градот е оддалечен три часа возење од Лос Анџелес, а еден час од Лас Вегас. Летно време знае да има пријатни скопски температури од околу 38 степени Целзиусови.
Освен 5-те милиони долари за купување на градот, компанијата планира да инвестира уште 2,5 милиони долари за ревитализирање на градот за да го направи "привлечен за туристи и еколошки".
"Златната треска го изгради овој град. Зелената треска може да го одржи во живот онака како што луѓето тоа го замислуваа пред многу години," порачал Гвајтер.