Њу Џерси, Јужна Дакота, Монтана и Аризона ја легализираа марихуаната за рекреативно користење. Мисисипи и Јужна Дакота ја легализираа и медицинската марихуана.
Жителите на Вашингтон ДЦ, гласаа да се декриминализира псилоцибинот, активната состојка во психоделичните печурки. Орегон изгласа две иницијативи поврзани со дрога. Во едната го декриминализираше поседувањето мали количини на нелегални дроги вклучувајќи хероин, кокаин и метамфетамини (продавањето дрога и понатаму останува нелегално). Додека во другата го дозволи создавањето на програма за лиценцирање на провајдери на псилоцибин.
Самата „војна против дрогите“ веќе не е привлечна и за голем број конзервативци, а декриминализацијата константно добива на популарност за тоа што се повеќе Американци веруваат дека премногу луѓе се во затвор, меѓу кои има сериозна популација која таму завршува заради поседување смешни количини на дрога.
Како што ќе објасни поранешниот републикански спикер на Претставничкиот дом на САД, Џон Бонер, „секогаш кога канабисот е на гласачкото ливче, тој победува. Дури и покрај хипер-партиската поделба што владее насекаде, луѓе до сите сегменти се согласни околу потребата за реформа на канабис.“
Тука е и бизнис секторот кој со ококорени очи го следеше првичното пуштање во погон на легалните продавници на марихуана низ САД, а потоа и рекордните приходи што оваа индустрија ги објави.
Авторот на книгата „How to Change Your Mind“, Мајкл Полан, која се фокусира на историјата и медицинската употреба на психоделици, објаснува дека резултатите од вторникот имаат два столба: истоштеноста на јавноста со војната против дрогата и ребрендирањето на марихуаната и псилоцибинот како лек.
Во 1969, две години пред почетокот на војната против дрогата, 84% од Американците сметаат дека марихуаната треба да биде нелегална. Во 2019, 91% од Американците поддржаа легализација на марихуаната.
Иако Никсон ја почнува војната против дрогата во 1971, таа станува неспоредливо драконска за време на администрацијата на Реган, поконкретно благодарејќи на сопругата на тогашниот претседател, Ненси Реган. Таа започнува масовна кампања и на медиуми и на терен, во која константно се трубат (и претеруваат) штетните влијанија на дрогите. Кампањата е крајно успешна во убедувањето на американската јавност, па во 1989, 64% од Американците веруваат дека дрогите се најголемиот проблем на САД.
Луѓето што на подолг период ја следат темата, објаснуваат дека секогаш кога некоја поопасна дрога почнува да доминира со јавниот муабет, марихуната одеднаш станува поприфатлива.
Така беше со крак-кокаинот во средината на 1980-те, кој со години го олабави притисокот врз марихуаната. Денес тоа е епидемијата на лекови против болка, од кои во 2019 само од прекумерна доза починаа 48.000 лица, што истовремено помогна марихуаната да се прифати како далеку помалку опасна дрога.