Јохан Хари го дава примерот со Португалија која во 2001-ва ги декриминализира дрогите, и "сите пари што се трошеа на казнување зависници сега се користат на унапредување на нивниот живот." Резултатот е пад за 50% на користењето на дроги што се инјектираат. Дури и полицаецот кој беше главен противник на декриминализацијата јавно се предомисли околу својот став.
Откако Швајцарија пред една деценија го легализира хероинот за зависници, буквално ниту еден човек нема умрено од предозирање од легален хероин. Заради ова Швајцарците на национален референдум со 70% од гласовите го поддржаа проектот.
Според неговото досегашно искуство, има три важни концепти околу легализацијата на дрогите кои мора да се разберат пред да се продолжи со разговорот.
1. Премија на ризик
Во системот на Хари, најлош аспект од војната против дрогите е насилството предизвикано од прохибицијата на дроги, кое се развива на ист начин како и кај прохибицијата на алкохол која го создава Ал Капоне.
Логиката е: ако имаш продавница за алкохол и некој ти украде шише вотка, и ти го фатиш, можеш да викнеш полиција за да ја заврши работата - немаш потреба да бидеш насилен. Ама ако продаваш канабис или крак, и некој те ограби, ти мораш да се тепаш со него, затоа што немаш никаков пристап до законот. И тоа треба да се справиш така што потоа никој нема ни да помисли да се закачне со тебе.
Повеќе противници на легализацијата, како аргумент наведуваат дека легалните дроги заради даноците и другите давачки, секогаш ќе бидат поскапи од робата на нарко-бандите.
Хари објаснува дека луѓето што ја следат оваа логика не го разбираат концептот на "премија на ризик."
Според него, ако некој ти рече од едниот на другиот крај на градот да му донесеш шише рум, нема да побараш многу пари затоа што е прилично едноставна работа. Е сега, замисли наместо рум да ти побара пакет канабис или кокаин. Работата веќе не е така едноставна, "веројатно ќе ми кажеш не, а и да го направиш ќе бараш повеќе пари отколку за румот."
"Разликата се нарекува 'премија на ризик' - и ја има во секоја алка во синџирот кога дрогата е нелегална. Земјоделецот одгледува канабис, или кока - во Колумбија или Мароко - и нему мора да му биде платена премија за ризикот. Човекот што ова го претвора во дрога исто така мора да добие повисока премија за ризикот. Луѓето кои го транспортираат ова преку граници - обично повеќе луѓе - ќе добијат премија за нивниот ризик. И луѓето кои тебе ти ја продаваат дрогата исто така ќе земат премија за својот ризик.
Секој пат премијата за ризик прави цената да расте, расте и расте.
Кога ќе ја легализираш повеќе нема премија за ризик во легалниот бизнис. Тие не би имале ништо поголем ризик отколку да продаваат компир или библии," пишува Хари во текстот за Вајс.
Проблемот со цената што малкумина го спомнуваат е дека кога ќе легализираш никако не треба да дозволиш колапс на цената, затоа што тоа само ќе го зголеми користењето. За да не се случи ова, тој го предлага моделот од Колорадо и Вашингтон каде цената се регулира преку даноците, "тоа не начинот на кој одржуваш стабилна цена додека во исто време ги банкротираш криминалните банди."
Концепт 2: Прохибицијата како инвестициска банка за криминалот
Теоријата е дека ако им е укината дрогата, криминалот само ќе се префрли на други теми - проституција, трговија со луѓе, киднапирање и сл.
Досегашните бројки покажуваат дека киднапирањето во САД е најмногубројно за време на прохибицијата, во Колумбија во 80-те и а во Мексико во последнава деценија. Причина за ова е што за киднапирање ти треба голема логистика (средства, искусни киднапери, шофери, сместување и чување на жртвата) која на големо е достапна за време на подемот на криминалните банди. А овој подем најчесто се случува во време на прохибиција, кога бандите имаат вишок капитал и луѓе, кои можат да ги инвестираат во други активности.
"Кога заврши прохибицијата во САД, киднапирањата едноставно издишаа. Кога центарот на трговија со дрога се префрли од Колумбија во Мексико, со него се пресели и ерупцијата на киднапирања," пишува Хари.
Концепт 3: Зошто криминалците прават криминал
Стандардната логика е дека некои луѓе едноставно се криминалци и што и да направиш тие ќе останат такви.
Според еден друг пристап на проблемот криминалците како и остатокот од човештвото се мотивираат со стимулации, односно никој не би прошверцувал торба кокаин преку граница како услуга, ама секој би размислил околу тоа ако му понудиш награда од милион долари, "ако ти понудам милијарда, ќе разработиш сериозен план."
Статистички секој пат кога расте невработеноста меѓу младите, се зголемува и криминалот меѓу нив, затоа што тој изгледа финансиски најпривлечно кога има помалку алтернативи. Исти се и бројките и кај падот на платите на неквалификуваните работници.
Сите тие се добредојдени од индустријата која има 300 проценти маржа на своите производи. Ако на оваа индустрија и го одземеш ќарот, и ја одземаш и привлечноста.
"Да речеме дека заработувачката на водоводџиите во 2016-та паѓа за 90%, дали во 2017-та ќе има повеќе или помалку водоводџии? Истиот принцип важи и за трговијата со дрога. Кога го намалуваш стимулот, го намалуваш бројот на луѓе кои се одлучуваат на него," пишува Хари.