„Мислевме дека решението ќе дојде за десетина години но можеби сме доста поблиску од тоа“, вели еден њујоршки експерт за трансплантација коментирајќи ги последните публикации за надежните комбинации со матични клетки и 3Д печатење.
Од сите делови на телото кои би сакале да ги креираме по лаборатории, косата се чини како наједноставна. Тоа се протеински нишки завиткани едни околу други, немаат „функција“ како дробот или мозокот, треба само да бидат тука, да растат и да не паѓаат.
Но, косата е многу покомплексна отколку што првично им се чинела на многумина истражувачи. За да произведе едно влакно, телото се потпира на илјадници матични клетки, односно дермални папили во базата на секоја фоликула. Како папилата исчезнува со текот на времето, така фоликулата се минимизира и станува неактивна. За жал, откако фоликулата ќе „заспие“, не може да биде рестартирана. Актуелните трансплантации се хируршко преместување влакна од еден на друг крај на главата и чинат скапо, околу 10.000 долари.
Во некои земји се пресадуваат влакна и од други делови на телото (грб, мишка), но ретко кој е задоволен од естетскиот резултат на пресадување мишка на глава.
Затоа, решението мора да е во создавање нова коса а крајната цел на компании како Стемсон Терапеутик и слични е да се создадат „фарми на коса“ во кои би се одгледувале и клонирале фоликули, не од кадавери туки од матичните клетки на самиот пациент.
Но, и самиот облик на фоликулата е важен за влакното да расте во посакуваната насока. Дури и најмалите разлики во аголот водат кон неприроден изглед или добивање на „Борис Џонсон трајна.“
Тука во игра влегува 3Д печатењето со кое би се изработувале синтетички „скелиња“ кои би ги држеле фоликулите во посакуваната насока.
Приказната звучи надежно, но јасно е дека ќе биде достапна само за оние кај кои косата и парите се во обратно-пропорционален однос.