Во 1996 година, група европски истражувачи доаѓаат до сознание дека генот наречен, SLC6A4, влијае врз ризикот од депресија. Своевремено, ова одекнува како блокбастер откритие од кое се очекува да помогне во дијагностицирање на оваа болест, проценки на суицидални однесувања или предвидувања за нечија отпорност кон антидепресиви.
Во тоа време, алатките за секвенционирање на ДНК не се ни моќни ни евтини како денес. Кога истражувачи сакаат да испитаат кои гени влијаат врз некоја состојба, тие се потпираат на „educated guesses“ па избираат гени кандидати. За депресијата, SLC6A4 се чинел како одличен кандидат бидејќи го регулира дотокот на серотонин во мозочните клетки. Во период од две децении, овој ген инспирира 450 научни трудови.
Меѓутоа, нова студија, најголема и најопсежна до сега, покаува дека таа зградурина од истражувачки трудови е обична куќа од карти бидејќи се темели на непостоечки основи. Користејќи големи мостри ( од 62.000 до 443.000 луѓе) тие одбираат 18 гени кандидати, со SLC6A4 како фаворит.
„Не најдовме ниту еден единствен доказ за поврзаноста меѓу овие гени и депресијата,“ вели водачот на проектот. „Како е можно да потрошиме 20 години и стотици милиони долари истражувајќи таква шашма?“
Одбраните 18 гени во минатото биле предмет на преку 1.000 истражувања, и тоа само за депресијата. За што? За сега да се открие дека немаат врска со неа.
Она што е најпоразително во случајот не е тоа што овие гени не се во игра туку фактот дека самата наука (која би требала да е авто-корективна) изградила цела имагинарна кула врз таа идеја. Истражувачите испитувале како SLC6A4 влијае врз центрите за емоции, како неговиот ефект варира во различни држави и култури, како влегува во интеракција со другите гени. Буквално како да се опишувал животниот циклус на еднорог; што тој јаде, какви видови еднорози има, кое парче месо од еднорог е највкусно, па дури и кој би победил во меч меѓу еднорог и Јети.
Многу научни полиња се соочуваат со слични проблеми, од психологијата до биологијата на ракот. Цели линии на истражувања можеби се базирани на погрешни основи. Дел од причините се човечки: истражувачите честопати бескрајно роварат по податоците додека не дојдат до нешто интересно (тоа се нарекува Data dredging) или пак прибегнуваат кон таканаречениот Харкинг, пракса научните хипотези да се формулираат откако ќе се видат резултатите од некоја статистичка анализа или пак ретроактивно да бидат прилагодувани на нив.
Другиот дел од причините лежат во поставеноста на академскиот свет кој повеќе ги наградува оние научници кои ќе успеат го угледни списанија да објават звучни студии кои откриваат нешто ново, отколку што го цени трудот на оние кои ги проверуваат постоечките сознанија. Со други зборови, се наградуваат оние кои се продуктивни а не оние кои се во право. А штом нешто се објави во кредибилен научен магазин, честопати се бетонира како темел кој служи за некоја нова куќа од карти.