Џими Јовин е еден од најголемите мастермајнди на музичката индустрија и бизнис. Веројатно е најважниот жив мост помеѓу музиката и технологијата. Ко-основач беше на Interscope Records, етикета која ги лансираше и ги направи супер ѕвезди Др. Дре, Тупак, Еминем, Снуп Дог, Најн Инч Неилс, Лејди Гага....
Подоцна со Др. Дре го креира брендот „Beats by Dre“ кој Епл го купи за 3 милијарди долари, за потоа да го смисли и лансира Епл Мјузик...
Значи, ајкула. Од најголемите. Кога таков калибар ќе го каже она што тој го кажа неодамна на еден подкаст, паѓаат големи нервози:
„Стриминг сервисите се на чекор да станат застарени и надживеани.“
Последните десет години поминаа во оптимизирање на целата глобална музичка индустрија околу една, неоспорно виша сила: Давателот на дигитални услуги. На музичари и продуценти живот им пројде додека ги научат алгоритмите, молејќи да влезат во плеј-листите на уредниците. Целиот тој екосистем се градеше врз претпоставката дека платформите за стриминг се конечната, ултимативна еволуција на музичката потрошувачка.
„Сите во музичкиот бизнис го мразат Спотифај, освен луѓето што работат таму. Тоа е платформа што ги цица уметниците и сè што имаат, активно спречува градење заедница и, и покрај сето тоа, сè уште се бори да одржи здрава маржа на профит“, пишува Џоел Гоувеја.
Тој се согласува дека бизнис моделот на Спотифај и другите стриминг платформи е фундаментално расипан, дека ерата на давателите на дигитални услуги привршува и порачува дека артистите кои тоа нема да го сфатат сега, ќе потонат заедно со бродот.
Во текот на целиот 20 век, големите издавачки куќи не ги поседуваа само авторските права, го поседуваа и хардверот. Тие во основа беа интегрирани технолошки и производствени монополи, маскирани како уметнички компании. RCA (Radio Corporation of America) ги поседуваше плочите, Филипс го имаше Полиграм, Сони го имаше CBS Records.
Тие го поседуваа уметникот, ја поседуваа пластиката на која беше печатена уметноста и ја произведуваа машината на која се репродуцира. Тие ги контролираа сите средства за потрошувачка. Денес издавачките куќи го немаат сето тоа. За прв пат во историјата, музичката индустрија е целосно зависна од технолошки гиганти за дистрибуција на својот производ. Епл, Гугл, Амазон и Спотифај ја поседуваат дистрибуцијата, алгоритмите, хардверот и, најважно, податоците за клиентите.
„Големата тројка“ (Universal, Sony, Warner) обезбедија акции во Спотифај уште на почетокот на договорите за лиценцирање, но, поседувањето дел од акциите не значи дека го контролирате екосистемот.
И платформите за видео стриминг (Нетфликс, ХБО Макс, Дизни плус...) се во жестоки војни но тие имаат посебна предност: ако сакате да гледате Stranger Things, ви треба Netflix. Ако ја сакате The Last of Us, ви треба ХБО.
Од друга страна, кај музиката (Спотифај, Епл мјузик, Дизер, Тидал...) сите нудат ист производ: аудиотека од 100-тина милиони песни. Ова ја претвора музиката во нешто што не се разликува од водата во чешма или струјата.
Ако една од плаатформите ја намали цената, другите се готови, бидејќи никој нема уникатна понуда.
Тука е и финансиската реалност.

Во бизнис како Нетфликс, како што се добиваат повеќе претплатници, профитните маржи се зголемуваат експоненцијално бидејќи фиксните трошоци остануваат релативно стабилни. Откако Нетфликс ќе пукне 20 милиони долари за да продуцира оригинален филм, таа цена е фиксна. Без разлика дали 1 милион или 100 милиони луѓе го гледаат, цената не се менува а маржата се зголемува. Стриминг музиката функционира обратно. Аудио платформите исплаќаат приближно 70% од секој заработен долар на носителите на права (етикети и издавачи), па нивните трошоци линеарно се зголемуваат со нивната корисничка база. Секој пат кога се стримува песна, дел од парите одат надвор.
Овој модел функционира само за Епл, Амазон и Гугл, бидејќи нивните музички платформи не им се неопходни за да бидат жестоко профитабилни. Амазон ја држи музиката како лидер во загубите за да ве држи да плаќате за Прајм. Епл го користи Мјузик за продажба на Ајфон од илјада долари.
Јовин забележува дека стриминг платформите не успеале да станат „културни хангари“ каде што уметниците и фановите можат да комуницираат.
„Тоа е еднодимензионално. Банкомат. Ги ставате парите, ја добивате музиката“, вели тој.
Со други зборови, Спотифај не сака музичарот да има однос со своите обожаватели. Спотифај сака фановите да имаат однос со Спотифај.
„Ако ја градите целата ваша кариера на платформа која активно ве спречува да добиете е-адреса или телефонски број, вие градите куќа на изнајмено земјиште. Вие сте неплатен вработен за шведска технолошка компанија која вашиот животен труд го гледа како „содржина“ со која ги полни своите цевки“.
За бељата да биде поголема, финансиските механизми на музичките платформи активно ја казнуваат „средната класа“ музичари. Според сегашниот „пропорционален“ систем на плаќање, сите пари од претплатата одат во еден огромен базен и се распределуваат врз основа на вкупниот пазарен удел.
Да речеме дека сте 35-годишник кој слуша само инди-рок бендови. Плаќате 11,99 долари месечно. Но, вашето 14-годишно дете е на вашиот семеен пакет и по осум саати дневно ги слуша Дрејк и Тејлор Свифт. Поради пропорционалниот модел, тие 11,99 долари не одат кај инди-бендовите што ги сакате. Огромното мнозинство од парите се насочуваат директно кон првите 1% од поп-ѕвездите, затоа што тие командуваат најголем обем на стримови во светот. Системот е наштиман да ги субвенционира мега-ѕвездите, а да ја изгладнува средната класа.

Ако стримингот не е крајната игранка, што е?
Давателите на дигитални услуги сигурно нема да исчезнат преку ноќ, но одговорот можеби е директно сопствеништво. Уметниците кои ќе преживеат во следните пет години се оние кои тивко го префрлаат својот фокус подалеку од „банкоматот“.
Тие градат свои културни хангари.
Собираат телефонски броеви на Laylo.
Ги насочуваат фановите кон приватни Дискорд сервери.
Се фокусираат на винил и билети, наместо да молат за некој цент од поставување на плејлиста.
„Сведоци сме на смртта на „масовната публика“ и раѓањето на „микро-заедницата“. Музичката индустрија помина една деценија опседната со тоа како да натера милион луѓе да слушнат песна еднаш. Следната деценија ќе биде дефинирана од уметници кои мозгаат како да натераат 1.000 луѓе да ги слушаат засекогаш“, пишува Гоувеја.